Со филмот „Три недели подоцна“, на српскиот режисер Мирослав Терзиќ, на 14 октомври во киното „Фросина“ во МКЦ ќе биде отворено 11. издание на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, кој годинава се одржува со мотото „На прво светло“.
Како што стои во соопштението на „Киненова“, на денешната прес-конференција директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ, рече дека 11. издание означува нова етапа во развојот на „Киненова“, со прграма во која доминира хуманистички поглед кон светот и фокус на ранливите групи.
– Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ ја почнува новата деценијa, би рекол новата етапа од своето постоење. На ова 11-то издание од фестивалот, кој оваа година е со мотото „На прво светло“, ја осветлуваме новата траса од патот што го гради „Киненова“ – рече Јовановиќ.
Нагласи дека фестивалот во услови на глобални конфликти и општествени поделби ја гледа филмската уметност како простор за отворање прашања, поттикнување дијалог и подигнување на свеста.
Јовановиќ информира дека главната фестивалска програма годинава носи шест филма, а во неа се Three Weeks Later на Мирослав Терзиќ, In the Shadow на Салем Салавати, Yesterday the Eye Didn’t Sleep на Ракан Мајаси, Fantasy на Кукла Кешеровиќ, Kurak на Ерке Џумакматова и The Shoes of My Father на Христо Симеонов.
Јовановиќ посочи дека тематскиот фокус на годинешното издание е насилството меѓу младите, а токму во тој контекст е избран и филмот со кој ќе биде отворен фестивалот. Според него, „Три недели подоцна“ е социјална драма, која се занимава со последиците од насилството врз младите.
– Фестивалот има непрекинат континуитет во ангажиран пристап кон филмската уметност и сметаме дека силно и директно треба да придонесеме во отворање дијалог и дискусија за најактуелните и најериозни општествени проблеми, кои ја оптоваруваат реалноста во нашата земја. За ова издание тематскиот фокус е насилството помеѓу младите. Филмот на Терзиќ, со кој ќе биде отворен „Киненова“, е моќна социјална драма преку која режисерот прави сериозна и длабока психолошка деконструкција на српското општсетво, кое е потонато во апатија и тешка корупција на свеста, чии последици, меѓу другото, се и најранливите, оние што треба да ја носат светлата иднина на едно општество – младите средношколци – рече Јовановиќ.

Во рамките на фестивалот ќе се реализира и работилницата за деца „Снимај паметно, остави трага“, во соработка со Општина Кисела Вода и под менторство на режисерката Марија Џиџева. Работилниците ќе се одржат на 5, 6 и 7 октомври, а учесниците ќе работат на создавање кратки филмски приказни поврзани со темите на врсничкото насилство, булингот и кибербулингот.
Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, изрази задоволство од соработката со „Киненова“ и посочи дека по отворањето во „Фросина“, фестивалската програма ќе продолжи во киносалите во Кисела Вода и во Домот на културата во Драчево.
– Преку партнерството што го негуваме со овој фестивал, и нашите киносали ќе бидат местото каде што ќе се одржува фестивалската програма, нашата Општина Кисела Вода директно придонесува за создавање услови за промоција на филмската уметност. Даваме конкретна поддршка на младите автори и ги доближуваме современите културни содржини до граѓаните. Тое не е само фраза, туку и наша стратегиска цел. Она што особено радува е фактот што по свеченото отворање на фестивалот во киното „Фросина“, фестивалската филмска програма се сели токму на наша територија, во општина Кисела Вода – рече Стаменкоска-Трајкоска.
Менторката на детската работилница Марија Џиџева рече дека преку филмските лекции и практичната работа децата ќе имаат можност од своја перспектива да ги обработат проблемите со кои се соочуваат младите.
– Децата од основно училиште, популарно алфа-генерацијата, кои се родени со мобилните телефони, токму тие придонесуваат за зголемување на насилството меѓу младите. Тие преку краткти филмски лекции за историја на филм, првите филмови, основи на филмскиот јазик, како да раскажеме филмска приказна, сценарио, снимање, монтажа… ќе се работи тимски да се создадат неколку филма, кои потоа ќе бидат прикажани на фестивалот „Киненова“ – рече Џиџева.
Во програмата ќе бидат прикажани и шест кратки филма од меѓународната селекција, како и шест од Филмскиот фестивал во Драма.
Во чест на лауреатот Емин Алпер, ќе биде прикажан неговиот дебитантски долгометражен игран филм „Зад ридот“, кој во 2012 година беше награден на Берлиналето, а Алпер на фестивалот ќе дојде заедно со својот долгогодишен соработник, монтажерот Озкан Вардар.
Фестивалот „Киненова“ е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и од Општина Кисела Вода.

