Со посета на домашните туристички дестинации, Управата за јавни приходи (УЈП) ја продолжува кампањата за фер туристичка сезона чија цел е да се поттикне подеднакво плаќање данок од страна на сите граѓани кои оствариле приход од издавање сместувачки капацитети од секаков вид. Во екот на туристичката сезона, како што велат од Управата, домашните издавачи примаат илјадници туристи, и притоа остваруваат приход од издавање под закуп на својот имот, без истиот да биде соодветно пријавен за даночни цели, со што не се исполнуваат законските даночни обврски.
За да ја доближи до граѓаните постапката за пријавување на данокот од издавање недвижен имот, преку својата регионална дирекција во Струмица, УЈП деновиве започна со теренска посета на југоисточниот регион.
При посетата на Општина Дојран, оттаму информираа дека постојано се на терен со цел поблиску да ги претстават практичните насоки за пријавување на доходот што физичките лица го остваруваат од издавање на сместувачки капацитети во кои спаѓаат апартмани, станови, куќи, викендици, соби и слично, како и приходи од други сезонски дејности поврзани со туризмот.


– Сите граѓани кои издаваат, независно од периодот на издавање, за подолг временски период или за неколку дена во месецот, во случај кога плаќањето е директно од друго физичко лице, домашно или странско, во готовина или на трансакциска сметка, од земјата или од странство, имаат обврска навремено да го пријават остварениот доход и да го платат данокот на личен доход. Пријавувањето на доходот од закуп, односно од подзакуп е електронски, преку системот на Е-даночни услуги. Граѓаните коишто се во работен однос, коишто веќе скенирале сметки, веќе имаат свој кориснички профил на е-даночни услуги, меѓутоа оние кои немаат таков профил, потребно е да си креираат за да може навремено да го пријават својот остварен доход, објаснува Елена Достинова од Регионалната дирекција на УЈП во Струмица.

Оттаму велат дека данокот на личен доход се пресметува на бруто остварениот доход, односно целата сума која давателот на сместување ја наплатил од лицето што престојувало кај него, која потоа се намалува за 10 проценти, ако се работи за издавање на неопремен простор, односно за 15 проценти доколку просторот бил опремен со мебел. На оваа даночна основица се пресметува даночната стапка за личен доход од 10 проценти.
– За појасно да им биде на граѓаните кој износ го плаќаат, ќе земеме пример за бруто доход од 70 000 денари, тоа значи, на пример, апартман кој се издава за седум ноќи, а една вечер чини десет илјади денари. На овој износ, признати трошоци, доколку апартманот е наместен, се 15 проценти, и доаѓаме до износ од 59 000 денари. На оваа даночна основица сега се пресметува и плаќа законски утврдената стапка од 10 отсто, односно 5 950 денари. Кога самите обврзници ги внесуваат овие податоци во електронскиот систем на УЈП, кога ќе ја комплетираат својата пријава, таа стигнува до нашите колеги, кои ја разгледуваат и одобруваат, и потоа се прави рекапитулација по која даночниот обврзник добива пресметка колку данок треба да плати, вели Достинова.

Роковите за пријавување на данокот од закуп и подзакуп на физички лица, велат од УЈП, се точно утврдени, па во случаи кога закупот трае пократко од 31 ден во еден месец, рокот е до 10-ти во месецот кој следи по месецот на издавање. Додека во случај на исплата од странски платформи рокот е до 10-ти во месецот кој следи по месецот на исплатата. Одобрените пресметки, односно данокот, потоа граѓаните имаат обврска да го платат најдоцна до 15-ти во месецот, за претходниот месец.
-Доколку физичкото лице оствари вкупен промет над 2 милиони денари од вршење на стопанска дејност оданочива за целите на ДДВ, има обврска да се регистрира за цели на ДДВ најдоцна до 15-ти во месецот кој следи по месецот кога го остварил прометот. Регистрацијата за ДДВ се врши со поднесување на пријава за регистрација на ДДВ лично до надлежна даночна канцеларија или по електронски пат преку etax-fl.ujp.gov.mk, велат од Регионалната дирекција во Струмица.
Според Управата, пријавувањето на овој доход значи фер услови за сите даватели на сместување и заштита од нелојална конкуренција.
– Со години наназад нелојалната конкуренција беше честа тема на дискусија. Со плаќање на данокот се придонесува за развој на туризмот, за подобри јавни услуги. Нашата цел е граѓаните да имаат јасни и навремени информации, да работат даночно усогласено и да ги избегнат санкциите. За сите прашања на граѓаните, вработените во Управата стојат на располагање секој работен ден, а информации може да добијат и преку контакт центарот, регионалните дирекции и преку даночните одделенија, вели Достинова.

Посебен акцент од УЈП ставаат на издавањето преку дигиталните платформи, како Airbnb, Booking, Facebook, Kajak и други.
– Издавањето преку ваквите домашни или странски платформи, исто така подлежи на оданочување. Единствената разлика е видот на електронската пресметка. Кога плаќањето се врши во денари, на трансакциска сметка или во готовина, граѓаните кои издаваат недвижност под закуп или подзакуп треба преку своите кориснички профили на е-даночни услуги да поднесат пресметка за закупнината. Додека кога плаќањето доаѓа од странство, во странска валута, закуподавачите доставуваат аконтативна пресметка е-ПДД. Но, морам да напоменам дека нашата свест за исполнување на обврските кон државата не треба да биде само во летниот период, иако нашата кампања гласи “Фер туризам”, поради тоа што сега има поголем обем на издавање, со зголемениот број на туристи. Но, издавачките капацитети во некои градови се достапни и во текот на целата година, така што обврската граѓаните треба да ја исполнуваат во континуитет, додава Достинова.

Доколку граѓаните не ги исполнат своите даночни обврски, објаснуваат од УЈП, во Законот за данок за личен доход предвидена е глоба од 50 до 250 евра во денарска противвредност за сторен прекршок која ќе се изрекува на даночен обврзник – физичко лице, доколку не поднесе пресметка за остварен доход од закуп и подзакуп. За полесен пристап на граѓаните до информации, Управата изработи и електронска брошура “Фер туризам започнува со пријавен данок”, достапна на нивната веб страница.
Покрај тоа, од УЈП велат дека на граѓаните, на јутуб каналот им е достапен видео водич за тоа како да пријават и платат данок од закуп и подзакуп, додека на веб страницата на Управата достапни се брошури за оданочување на доход и за регистрација и плаќање на ДДВ, како и одговори на најчесто поставувани прашања и калкулатор за пресметка на данок од закуп и подзакуп.
Според последните податоци од Општина Дојран, во општинскиот регистер се заведени 194 приватни сместувачки капацитети на физички лица, од кои во категоријата стандард се 350 соби со 903 легла, додека апартмани од категорија комфорт се 370 со 1013 легла или вкупно 1916 легла.

