Две години работа.
Две години резултати.
Една љубов – Македонија!
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија продолжува со институционалниот отчет за работата на своите избрани и именувани функционери, со јасна порака дека преземената политичка одговорност во Владата мора да се потврдува со конкретна работа, мерливи резултати и одговорно управување со јавните ресурси.
Во рамките на отчетот, директорот на АД „Аеродроми на Република Северна Македонија“, Игор Трајановски, ги презентираше резултатите од работењето на друштвото во изминатиот период, нагласувајќи дека финансиската
дисциплина, рационалното трошење и домаќинското управување се основните принципи врз кои ЗНАМ ја темели својата работа во институциите.
Резултатите се конкретни и мерливи:
Вкупните анализирани расходи се намалени за повеќе од 60 проценти.
Трошоците за репрезентација се намалени за над 80 проценти.
Трошоците за гориво се намалени за над 70 проценти.
Дел од слободните парични средства се орочени и инвестирани, со што се
обезбедени дополнителни приходи за друштвото.
Активиран е деловниот простор во Штип, кој со години не бил искористен,
а денес носи редовен приход. Дополнително, закупецот презел обврска за
негово реновирање во вредност од најмалку 50.000 евра.
Со продажбата на расходуван имот се обезбедени дополнителни финансиски средства.
Паралелно со финансиското консолидирање, преземени се мерки за постапување по ревизорските препораки, подобрување на интерните процедури, зајакнување на контролата на набавките и зголемување на финансиската отчетност.
Посебно значаен е и инфраструктурниот аспект. Со реновирањето на аеродромот во Охрид се подобрени инфраструктурата, условите за патниците и работните услови на вработените. Унапредена е и меѓународната соработка, со цел размена на искуства и примена на современи европски практики во работењето. Од ЗНАМ потенцираат дека овие резултати се потврда на суштинската разлика во пристапот кон управувањето со јавните институции.
„Кога ги презедовме одговорностите во 2024 година, нашата определба беше изборната програма на ЗНАМ да стане дел од Владината програма. Денес покажуваме дека тоа не остана само политичко ветување. Нашите принципи ги преточуваме во конкретни политики и резултати. Јавниот имот мора да создава вредност, јавните средства мора да се
трошат рационално, а секоја институција мора да работи одговорно и отчетно“, истакна директорот Игор Трајановски.
Од Движењето ЗНАМ порачуваме дека јавната функција не е привилегија, туку обврска пред граѓаните.
Затоа отчетноста не се мери со декларативни заложби, туку со конкретни показатели, намалени трошоци, подобро искористени ресурси и создадена нова вредност.
ЗНАМ останува посветено на политиката на одговорност, домаќинско работење и институционална отчетност. Зашто јавните ресурси се сопственост на граѓаните, а обврска на функционерите е да управуваат со нив во нивен интерес.

