Организираниот криминал, корупцијата, како и сајбер и хибридните напади, остануваат најголемите закани за стабилноста на регионот. Ова се дел од заклучоците од првиот ден од регионалната конференција посветена на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, која што денес и утре се одржува во Скопје. Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи нагласи дека транспарентноста и одговорноста на институциите се најсилното оружје против злоупотребите и корупцијата.
„Темите кои што ќе се дискутираат се разбира се од областа на организираниот криминал и корупција безбедноста на границите, ќе се дискутираат на ниво на министерствата и одредени агенции, за на крај да излеземе со одредени решенија. Македонија на начин на што е дел од организаторите заедно со RCC и италијанската влада покажува дека е одлучна за регионалната безбедност и за безбедноста во регионот“, изјави Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи.
Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Амер Капетановиќ, посочи декаМакедонија е важна алка во градењето на стабилен и безбеден регион.

„Најголемата загриженост е организираниот криминал, корупцијата, некои форми на дигитални сајбер закани, нешто што е ново и што не може лесно да се адресира. Важно е владите во регионот да се здружат со цел заеднички да одговорат. Ниту една безбедносна закана не познава граници“, изјави, Амер Капетановиќ, генерален секретар на RCC.
Капетановиќ посочи дека важно е граѓаните да знаат дека веќе повеќе од една деценија Македонија во соработка со европските партнери гради регионална инфраструктура на доверба и размена на безбедносни информации, а како пример за постигнатите резултати ги посочи 17.000 уништени паричња оружје од 2018 година.
„Како пример, од 2018 година се отстранети и уништени над 17.000 парчиња легално поседувано оружје. Според последните анализи, сајбер безбедноста на Западен Балкан е зголемена за повеќе од 200 проценти“, изјави, Амер Капетановиќ, генерален секретар на RCC.
Инаку конференцијата се одржува во клучен момент кога ЕУ ги интензивира напорите за Европската одбрана, проширувањето на Шенген и Планот за раст. Италија ја потврдува својата посветеност кон регионот, додека Северна Македонија покажува лидерство во усогласувањето со европските безбедносни стандарди.
Утре, на 12 ноември, ќе се одржат паралелни работни групи за миграција, организиран криминал и сајбер закани, кои ќе излезат со конкретни препораки за следните чекори.
