Се редат осудите на политичарите во Грција кон градоначалникот на Лерин Василис Гианакис, откако тој прекина музички настап поради изведување на македонска песна. Грчката партија Сириза ја оцени цензурата на градоначалникот како неприфатлива. Во соопштението Сириза пишува дека ваквиот потег е сигнал дека постојат сериозни проблеми во однос на слободата на уметничкото изразување и начинот на кој се третираат музичарите, особено од луѓе кои имаат моќ и позиции во локалната самоуправа. СИРИЗА смета дека каков било обид за цензура не треба да најде плодна почва на грчка територија и не смее да биде толериран..
„Нетолерантните испади остануваат неприфатливи и штетни за потребната солидарност меѓу различните луѓе и народи, па дури и по повод музичкиот настап на бенд познат по пеењето на грчки, македонски, бугарски, турски, српски и ромски јазик. За жал, бендот беше принуден да разјасни дека нивното појавување не е платено од градоначалникот, како одговор на неговите коментари од минатиот понеделник вечерта дека „Јас плаќам“ и дека „нема да се пеат такви песни во мојот град“ – велат од „Сириза“.
Остри реакции и од дел од грачките пратеници. Пратеничката Теописти Пети Перка која е претставник од Лерин во законодавниот дом со порака до градоначланикот да го прифати напредокот и да ја отфрли цензурата. Таа додава дека демократијата која влече корени токму од Грција треба да ја прифати културата, музиката и јазикот, а не да ги потиснува. Екстремистичките влијанија, според неа, мора да станат минато.

„Не смее да се дозволи мракот и национализмот да го потисне културното наследство, традицијата и уметничкото изразување на нашата заедница. Музичката традиција, локалните мотиви и дијалектите се живи елементи на историјата и културната разновидност, тоа не претставува закана“ – вели Теописти Пети Перка, пратеничка во грчкиот парламент.
И покрај осудите од страна на дел од грчките политичари, сепак грчките медиуми информираат дека пратениците не го спомнале македонското малцинство и македонскиот јазик, туку зборувале за „локален дијалект“. Тие не го прифаќаат постоењето на македонската нација и македонскиот јазик во Грција и покрај Преспанскиот договор од 2018 година. Бурните реакции во Грција доаѓаат откако пред неколку дена градоначалникот на Лерин прекинал изведба на македонски песни на прославата на „Денот на огновите“ вечерта пред Бадник. Градоначалникот Василеос Гианакис се налутил уште на пеењето на „Елено, ќерко Елено“, но атмосферата кулминирала кога на изведбата на „Софке на татко“ ги прекинал музичарите и им наложил да продолжат само со инструменталната верзија, бидејќи тие пееле на според него, „словенски јазик“. Од партијата „Виножито“ велат дека Македонците често се соочуваат со вакви инциденти на музички фестивали и манифестации. Сепак, сметаат дека е добро тоа што свеста меѓу македонското население расте, па овие случаи наидуваат на отпор меѓу тамошните граѓани, но и од политичарите во Грција.
