Граѓаните утре излегуваат на гласање да го изберат локалното раководство. Ова се осмите локални избори од осамостојувањето на Македонија. Во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.832.415 граѓани со право на глас – кои ќе одлучуваат кој ќе ги води општините во следните 4 години. На овие избори се натпреваруваат 309 кандидати за градоначалници, што е за 10 кандидати повеќе од изборите во 2021 година, кога имаше 299. Но оваа бројка е далеку од рекордот – во 1996 година имало дури 683 кандидати, што останува најголема бројка досега, но тогаш територијалната локална оргназација беше различна од сега. Најмалку кандидати за градоначалничките фотелји имало во 2017 година – само 257. Еве како се движела бројката низ годините:
- 1996 – 683 кандидати
- 2000 – 323 кандидати
- 2005 – 379 кандидати
- 2009 – 364 кандидати
- 2013 – 350 кандидати
- 2017 – 257 кандидати
- 2021 – 299 кандидати
- 2025 – 309 кандидати
Најжестока битка ќе се води во главниот град Скопје, каде што има 16 кандидати за градоначалник. По Скопје, најмногу кандидати има во Прилеп и Струга – по 9, а во Битола – 8. Од друга страна, избирачкото ливче ќе биде најкусо во 21 општина, каде има само по двајца кандидати, меѓу кои се и Штип, Кратово и Крива Паланка.
Жените сè уште малку застапени – само 10% од кандидатите на овие локални избори се жени. Иако има мало подобрување, жените и натаму се далеку од рамноправност во трката за градоначалничките позиции. Од вкупно 309 кандидати, само 10,35% се жени, што е благо зголемување во споредба со 2021 година, кога биле само 8%. Мажите се 89,64% од сите кандидати.

На овие избори има 576 кандидатски листи за општинските совети, што е малку повеќе од 2021 година кога имало 572. Во споредба со минатите избори. Во 1996 година имало најмногу досега – 747 листи, а во 2017 најмалку – 371.
Вкупно, на листите се наоѓаат 10.490 кандидати за советници. Според родовата распределба, 55% се мажи, а 45% жени, што е исто како и на предходните избори.
Од сите 10.799 кандидати (и за градоначалници и за советници), најголем дел се на возраст од 36 до 45 години .Интересно е што има и 409 млади кандидати на возраст меѓу 18 и 20 години и седум кандидати постари од 90 години. Најдолгото гласачко ливче е дури половина метар.
Вкупно 1.451 набљудувач ќе ги следи осмите локални избори во Македонија, што ќе се одржат во недела. Меѓу меѓународните набљудувачи, најбројна е ОДИХР – Канцеларијата за демократски институции и човекови права, со 524 претставници.. Сите ќе имаат пристап до избирачките места, како и до процесот на броење и утврдување на резултатите.
