Двајца млади лекари, два плана за иднината, но на иста специјализација, на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, веќе трета година. Д-р Маја Петровска е родена во Штип 1993 година. Медицинскиот факултет во Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го завршила 2021 година, а специјализацијата ја почнала 2023 година. Работела кратко како доктор на општа медицина, соработувала на клинички истражувања – Talisker CRO Ltd. (8.10.2021 – 15.12.2022)…
Д-р Леон Стојковски роден е 1997 година и живее меѓу Вевчани и Скопје. Доктор е на медицина, дипломиран на Медицинскиот факултет при УКИМ. Работел во здравствениот дом „Д-р Светозар Чочоровски“ во Вевчани, а и сè уште повремено е ангажиран и во Службата за итна медицинска помош при „Чочоровски“…
Д-р Стојковски има јасна цел: кога ќе заврши со специјализацијата, планира да се врати во Вевчани и таму да ја почне гастроентерохепатологијата. Сака луѓето од неговиот крај да не мора да доаѓаат во Скопје за секој проблем од оваа област. Д-р Петровска цврсто е решена да остане тука, каде што и е семејството, но отворено ги кажува факторите што можеби би ја натерале да замине надвор од државата.

А зошто токму гастроентерохепатологија? Д-р Маја вели дека ја привлекла ширината на полето: многу голем обем на дијагностика, на здравствени проблеми… „Гастроентерохепатологијата е огромна област. И многу интересна“, вели таа. Ендоскопијата (клучна дијагностичка процедура, која им овозможува на лекарите да ги прегледаат внатрешните структури на телото, особено гастроинтестиналниот тракт, користејќи флексибилна цевка со камера позната како ендоскоп), особено ѝ е интересна и сака во иднина да ја совлада што потемелно.
Интересот за овој сегмент од медицината ѝ се појавил уште за време на студиите. Првин биле вежбите по интерна медицина, па стажот во шестата година, кога најмногу време поминала на ендоскопија. Ѝ оставиле впечаток самиот начин на работа, разноликоста на проблематиката и можноста за усовршување. Слично било и кога го подготвувала испитот. „Како област од интерната медицина, ми беше најпредизвикувачка“, потенцира младата докторка.
Д-р Леон додава дека покрај мануелниот дел, во ендоскопијата, напредокот на интервенциите веќе оди кон мала хирургија. „Се третираат и некои состојби што претходно биле единствено во доменот на хирургијата, абдоминалната хирургија“, вели тој. И кај него интересот е особено поврзан со ендоскопијата, интервенциите… Ехоендоскопијата ја издвојува како посебен дел, малку „поапстрактна дијагностика“ од класичната ендоскопија. Бидејќи е дел од интерната медицина, практично допира до сите други гранки и во одредени делови се преклопува со нив. Затоа, вели, предизвик е за учење, за работа и за експертиза.
„Кај нас гастроентерологијата и хепатологијата се споени, а во поразвиените центри се одделни дисциплини. Таму има и гастрологија и засебна област за дебелите и тенките црева“. Според д-р Леон, самата гастроентерохепатологија е веќе супспецијализација на интерната медицина, која може да се дели на уште потесни гранки. „Домените навидум не се допираат и се доста апстрактни еден од друг, но сепак е една, единствена област“.
Д-р Маја во тоа гледа предност. Лекарот може да се насочи кон одредена област уште за време на специјализацијата, а и по неа. „Не може секој да биде врвен ендоскопист, врвен хепатолог. Сите се насочуваат повеќе кон една одредена област“, објаснува таа.

Специјализацијата им трае шест години. Сметката е долга. Самата комбинација факултет плус специјализација е 12 години. Со стажовите, лиценцата и другите обврски што следуваат, д-р Леон пресметува дека патот може да трае најмалку 13, а и до 16 години. „Ако сè оди идеално, минимум 12 години студии“, потенцира Леон.
Кога ги прашавме дали некогаш се преиспитуваат со „што ми требаше оваа работа?“, д-р Маја вели дека веќе работела како матичен лекар и токму затоа решила да се доедуцира: „Не се гледав себеси да работам како општ лекар или во некоја друга област од медицината“. Д-р Леон, пак, нагласува дека сомнежот во врска со долгиот пат најмногу се чувствува додека си студент, кога има многу учење, а малку практична едукација. Сега, како доктори, поголемиот дел од времето им оди во работа со пациенти и нема место за дилеми.
Д-р Маја посочува дека работа има, ама кадар нема многу. Клиниката е терцијарна установа и, како што вели, тука се најактуелните методи и инструменти. „Кога сме терцијарна установа, најсложеното и најиновативното треба да се тука. И тука и се работи“, потенцира таа.
Од кого учат овие амбициозни лекари? Двајцата велат дека имаат квалитетни едукатори и покрај тоа што многу стручен кадар е заминат од т.н. државна болница. Еден од нив е и д-р Владимир Аврамовски, еден од нашите најголеми експерти во оваа област, кој, тврдат, е многу посветен на едукацијата и се ангажира за младите лекари. „Задоволни сме. Дефинитивно. Континуирано се едуцираме од постарите и многу поискусни колеги“, велат овие млади и посветени специјализанти.

На д-р Леон впечатокот му е дека најстручните гастроентерохепатолози се на Клиника, каде што се работат и најкомплицираните медицински состојби. „И приватното здравство има врвни лекари, но ‘Клиника си е Клиника’“, вели тој. А д-р Маја додава дека најретките и најизискувачки случаи што еден доктор во кариерата ќе ги сретне се токму тука, „буквално со цела патологија“. Не е убедена дека млад лекар во приватните установи ја има таа можност, „затоа сите сме концентрирани овде“. Ендоскопијата, потсетува, е и теорија и занает, односно пракса, и е доста обемна. Хепатологијата, пак, е толку обемна што и денес се истражува. „А овде на Клиника тоа најдобро се прави, со најстручните постари колеги“, едногласни се нашите соговорници.
За состојбите надвор од Скопје, д-р Леон нагласува: „За жал, во локалните центри гастроентерологијата е исклучително слабо развиена. И целиот товар паѓа, меѓу другото, и поради тоа, на Клиничкиот центар“, вели тој.
Затоа му е цел да се врати дома. Сака во Вевчани да се работат интервенции што досега не се работеле на локално ниво, „пациентите да немаат потреба да доаѓаат тука за каква било гастроентерохепатолошка патологија. Вевчани според административната поделба има здравствен дом, но со тенденција да прерасне во поголем центар“. Д-р Леон не е сам бидејќи и други колеги од тој крај, како што кажува, се на специјализација во разни области и имаат заедничка визија. Тим од доктори има и е подготвен, вели, треба само да се обезбедат услови.
Тука е и условот: „Без централното раководство, без соодветни финансии, не може да се изроди оваа работа. Опремата е скапа, интервенциите се комплексни, потрошниот материјал е релативно скап“. Сепак, се надева на разбирање и од локалното и од централното раководство.
А дали би заминале во странство како што прават многу млади? Д-р Леон вели дека не би сакал и се нарекува себеси „можеби малку повеќе локалпатриот“. Ни д-р Маја не планира заминување. „Амбицијата ми е да завршам со специјализацијата и да останам во државата“, вели таа, а и семејството ѝ е тука. Но остава и друга можност. „Меѓутоа, ако овде не најдам соодветно работно место и услови за работење, ќе морам. Ако ми зависи егзистенцијата… Толку многу вложуваме во образованието, финансиски и временски. Ако на крајот сето тоа не се исплати, нема да имам друг избор“.
„Демотивирачки е во секој случај ако, по толку години образование и усовршување, не добиеш соодветно место да ги покажеш способностите и, нормално, да бидеш финансиски валоризиран“, нагласува д-р Леон, а д-р Маја потенцира дека патот на еден доктор е исцрпувачки и дека тоа не смее да се занемари.

На прашањето што би смениле најитно во нашето здравство, д-р Леон одговара, без двоумење: децентрализацијата. „Треба да се создадат локални центри што ќе го покријат најголемиот дел од здравствените потреби на граѓаните. Концепцијата на секундарно-терцијарното здравство е во секундарното да се решаваат најголемиот дел од случаите, а најсложените да остануваат за клиничките центри“, вели тој. Меѓу другото, и затоа што Клиничкиот центар е во стари згради, оптоварени со пациенти од цела Македонија. Неговата колешка е на иста линија, „апсолутно“.
За инфраструктурата, и двајцата го велат истото: во секоја соба треба да има тоалет, да е топло во зима, ладно во лето, поудобни околности за пациентите… „Всушност, ни треба еден нов, реновиран Клинички центар и подобри услови за работа. Можностите на докторите се лимитирани и поради тоа“, едногласни се нашите соговорници.
Втората итна промена, според д-р Леон, е системско решение за младите лекари, со „видлива, опипливa перспектива“. „Многу наши колеги се нашле во ситуација практично да останат на улица, а завршиле факултет. Најдостапни им се краткотрајните ангажмани во приватни установи“, но и за нив има критика. „Приватните здравствени установи не се фер, пред сè по финансиските услови“, вели тој и дека за младите лекари тоа е само привремена шанса за егзистенција. „Бидејќи системот е концепиран околу јавното здравство, треба конкретен план за секој доктор: да биде вработен, распореден, даден на специјализација или упатен на усовршување“, предлага д-р Леон.
Д-р Маја надополнува дека „има некаква индикација за такво распределување, но тешко се реализира“. Специјализациите, според неа, не се одобруваат по потреба, туку по желба. Д-р Леон потврдува дека токму така се создава истовремено вишок и недостиг на кадар: „на пример, гинеколози дефинитивно има многу, а недостигаат анестезиолози, педијатри…“
Д-р Маја предлага мапирање и план, па конкурси од државните или од веќе постоечките приватни установи, така што лекарите што ги вработиле да ги праќаат на специјализација. „За подобрување на состојбите, потребна е само малку повеќе волја“, вели таа. Нејзиниот колега појаснува дека пресметките денес можат да се направат многу побрзо и попрецизно со вештачка интелигенција, „а не да ни остануваат области без лекари.“
Двајцата доктори велат дека се соочуваат со секаков вид хепатолошки заболувања, но дека најмногу сме болни од црнодробните. Хепатобилијарниот систем е доста засегнат, според д-р Маја, а на Клиника го третираат оштетувањето на црниот дроб на сите нивоа, заедно со придружните кардиоваскуларни и метаболни заболувања. Обезитетот кој е се почест кај нашиот народ, д-р Леон го опишува како воспитно-едукативен проблем, што дефинитивно остава последици на органите што тие ги лекуваат. Главната причина, вели, се начинот на живот и исхраната.
Според него, повеќе треба да се работи и на превентивните прегледи. Колоноскопијата веќе е препорака, а д-р Маја додава дека и ендоскопијата е во препораките како скрининг. „За колоректален карцином колоноскопијата е пресудна“, потенцира д-р Леон. Проблемот е што според постојните препораки не сите можат да се упатат на колоноскопија. „Обично се чека некој симптом“, вели тој.

Светските новости во медицината ги следат и анализираат со нивните едукатори на Клиника, но велат, тоа сепак, најдобро се прави преку конгреси, а тие чинат доста пари. „Не секој специјализант реално има можност да си ги дозволи“, вели д-р Маја, „а државата не плаќа. Тоа се оди приватно. За среќа, Здружението на гастроентерохепатолози организира симпозиуми, конгреси и семинари и кај нас.“ Д-р Леон појаснува дека трошокот се покрива или приватно или со евентуално спонзорство од фармацевтските куќи: „за еден млад лекар е скапо сам да го покрие таквото патување.“
На прашањето пак, дали е тешко напредувањето на млад лекар сега и овде, д-р Маја одговара кратко: „за секого е различно, секој со својата приказна“. Според нив двајца, медицината бара многу учење, читање на обемна литература, жртвување, нерви…. „Дали тоа вреди, кога вештачката интелигенција ќе го преобликува учењето и практикувањето?“, вели д-р Леон, кој смета дека е „потребна реформа на начинот на студирање, бидејќи со сегашниот, би било само малтретирање. Предизвикот со вештачката интелигенција го има целиот свет и се уште не се знае како ќе заврши.“ „Во доста неизвесно време живееме. Јас сега да почнувам, многу повеќе би размислувала“, додава д-р Маја.
На крајот, неизбежно е и прашањето за справувањето со стресот во оваа напорна професија. Д-р Маја одговара дека во стресна ситуација прво поставува приоритети: што бара итна интервенција, а што може да почека. Разговорот со колегите ѝ е клучен, бидејќи заедно полесно се поднесува притисокот и се намалува ризикот од грешки. Надвор од работа се труди редовно да се одмора и физички да е активна, за да остане стабилна и присебна кога е најпотребно. „Стресот не се елиминира, туку се управува со организираност, тимска поддршка и јасни протоколи“, вели таа.
Д-р Леон пак, се труди да ги раздели работата и слободното време, иако, како што признава, „неретко е тоа тешко“. На работа е организиран и фокусиран на тоа што треба да се заврши. Надвор од неа му помага планинарењето, за да се „исклучи“ од секојдневните обврски. Чита и литература што не е поврзана со медицината, бидејќи така го насочува вниманието кон нешто друго и ги одржува пошироки интересите.

