Во време кога националните јазици го губат својот простор, а глобализацијата ги потиснува јазиците на малите народи, наша одговорност не е само да го зачуваме нашето јазично наследство туку и да го одржуваме живо, да го развиеме и да го отвориме кон светот. Пред сè, наша одговорност е да го гледаме јазикот како мост меѓу луѓето, да создадеме услови млади генерации да ги познаваат и почитуваат своите јазици но истовремено да имаат можност да учат и други јазици да комуницираат со други култури и да бидат активни граѓани на едно европско општество – порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, во поздравното обраќање по повод 11. Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Се заблагодари за поканата да се обрати на настанот затоа што, рече, да се зборува за македонскиот јазик во неговата колепка, каде што тој се проучува, се штити и се негува, освен што е чест и привилегија, претставува и голема одговорност.
За Институтот, посочи дека има посебно значење во државата со научната работа што ја врши над 70 години и оти претставува „значајна референција за идентитетот на македонскиот народ, но и за нашата заедничка држава“.
Македонскиот јазик, рече Гаши, го претставува темелниот идентитет врз кој се гради самиот македонски народ.
- Припаѓајќи на народ што исто така го изградил својот национален идентитет врз јазикот и чиј успех се мери според степенот на неговата употреба, најдобро ја разбирам тежината и значењето на македонскиот јазик за македонскиот народ. Токму затоа во текот на целата моја политичка кариера, но и пред тоа, сум се потрудил да бидам внимателен не само да не го повредам овој важен елемент на градењето на националниот идентитет на моите сограѓани туку и да помогнам во неговото афирмирање и заштита секаде каде што сум имал можност и во секоја пригода. Таму каде што се почитува еден јазик, се почитуваат и луѓето што го говорат тој јазик Јас силно верувам во европска иднина, во која јазичната разновидност е извор на богатство, а комуникацијата и меѓусебното разбирање се темел на нашето општество и државно единство – истакна претседателот на Собранието.

Посоочувајќи на богатсвото од јазици и култури како предност на нашето мултиетничко општество, Гаши рече дека токму поради тоа „прашањето на јазиците, нивната заштита и негување, како и нивната јавна и институционална употреба, бара одговорност, почит и постојан дијалог“.
Како што рече, говорителите на балканските јазици, вклучително и на македонскиот и на албанскиот, создавале заеднички јазични особености иако тие јазици може да се разликуваат според нивната генеалогија и типологија.
– Тоа значи дека дури и кога политичките елити би сакале да ги разделат луѓето, јазиците се тие што ги поврзуваат. Јазиците не треба да ги гледаме како граници меѓу луѓето, туку како мостови кон други култури, знаења и искуства – рече Гаши.
Додаде дека научните конференции, како што е оваа, што ја органзира Институтот за македонски јазик, се значајни особено денес „кога начините на комуникација бргу се менуваат, кога дигитализацијата создава нови облици на употреба на јазикот и кога контактот меѓу јазиците и културите е поголем од кога било досега“.
– Собранието на Македонија ја поддржува работата на научните институции, вклучително и на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, како и на сите други научни образовни и културни институции што придонесуваат за зајакнување на националниот идентитет на македонскиот народ и на другите идентитети што се градат со векови во нашата држава – рече претседателот на Собранието на отворањето на 11. Отворени денови на македонскиот јазик.

