Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска остварил средба со новоименуваниот амбасадор на Република Турција во Македонија, Алпер Акташ.
Гаши му посакал на амбасадорот добредојде во Собранието и успех во извршувањето на новата функција.
Тој истакнал дека Македонија и Турција негуваат силно традиционално пријателство и партнерство, имаат вкоренети историски и културни врски како и динамична соработка на сите нивоа. Двете држави, како што информираат од собраниската прес-служба, одржуваат интензивна комуникација на високо ниво што значајно придонесува за унапредување на севкупните односи меѓу двете земји.

Гаши ги потенцирал добрите и пријателски односи меѓу двете земји кои се пресликани и во плодната и успешна парламентарна соработка, почнувајќи од највисоко ниво, меѓу претседателите на парламенти, понатаму меѓу комисиите, групите за пријателство и соработка.
Турција, како што се наведува во соопштението, е меѓу најзначајните трговски партнери и е една од земјите која континуирано инвестира во македонската економија во разни сектори и се јавува како стратешки инвестициски партнер.
Амбасадорот Акташ истакнал дека ќе се залага за зголемување на трговската размена меѓу двете држави, унапредување на соработка во областа на туризмот, инвестициите како и реализација на инфраструктурни проекти.
Двајцата соговорници се согласиле дека покрај одличните односи меѓу двете држави, секогаш има простор за унапредување на соработка која е од взаемен интерес. Особено тоа се однесува на соработката меѓу двете земји во полето на културата, образованието, земјоделството, здравството и туризмот.

