Доктори хирурзи во јавното здравство земаат и до 120 илјади денари плата, а не фатиле скалпел во рака со месеци.Тоа најчесто се прави во болниците од внатрешноста, каде што немаат никакви услови да оперираат, а докторите сами си пишуваат измислени операции за кои покрај платата зимаат и додатоци од државата. Анализата на Фондот за здравство покажува дека во јавното здравство работат околу 19 илјади здравствени работници. Огромен дел од парите кои болниците ги добиваат од фондот за здравство одат за дежурства, ноќна работа и различни додатоци на плата…Најголеми додатоци фондот им плаќа на клиниките со 24-часовна работа – државната Кардиохирургија, Радиологија и Клиничката болница во Штип. Според директорот Клековски, болниците не ги оправдуваат парите што се прелеваат од Фондот.
„Наш став е дека тоа што следува треба да се исплаќа, но не смеат да се оставаат сиви зони кои создаваат простор за нееднакво постапување“,кажа тој.
Освен неоправданите пари кои се слеваат од фондовската здравствена каса, јавното здравство се соочува и со повеќе од 1.800 тужби од вработени во здравството. Тоа болниците ги чини над два милиони евра. Најмногу побарувања има од клиничката болница во Битола, а најголем број тужби имаат поднесено вработените од општата болница во Куманово.

„Тужбите најчесто произлегуваат од проблеми во примената на Законот за работни односи и колективните договори. Реалниот финансиски товар врз јавното здравство може да биде и поголем, бидејќи дел од постапките сè уште не се завршени“,рече Клековски.
Според Клековски, загрижувачки е и трендот на нови тужби. Само здравствен дом Кратово најавил околу 65 нови тужители во 2026 година, со проценета вредност на барањата од над 3,5 милиони денари. Најмногу тужби има за прекувремена работа, ноќна работа, работа во смени и државни празници.
