План за повторно вооружување на Европа – Европската комисија овој предлог им го претстави на лидерите од Европската Унија на вонредниот Самит во Брисел. На самитот присутен е и претседателот на Украина, Володомир Зеленски. Тој при пристигнувањето во Брисел на лидерите на Унијата им се заблагодари за силната поддршка.
Планот за ре-вооружување на Европа, што го предлага претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен предвидува создавање на Фонд кој би можел да мобилизира близу 800 милијари евра за инвестиции во одбраната во ЕУ, вклучително и за воена помош за Украина.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон во синоќешното обраќање кажа дека мировниот договор во Украина не може да се постигне „под руски диктат“. Макрон во обраќањето до нацијата рече дека Европа влегува во нова ера и дека нејзината иднина не може да се решава со САД и Русија. Тој го отвори прашањето за можноста Франција да го прошири нуклеарниот чадор над Европа со француско нуклеарно оружје.

Инаку Франција има нуклеарни капацитети во воздух и во море. Борбените авиони Рафал и нуклеарните подморници можат да нападнат во секое време, само по инструкции на францускиот претседател.
Дали Европа ќе има единствен став по однос на планот за ре вооружување останува незивесно, со оглед на пораките кои дојдоа од Унгарија и Словачка, дека можат да ги блокираат или да се изземат од заклучоците. Синоќа Макрон во Париз го пречека унгарскиот премиер , Виктор Орбан кој на социјалните мрежи објави дека неговите состаноци во Франција потврдиле дека иако постојат разни мислења за тоа како да се постигне мир, постои согласност за потребата од зајакнување на одбранбените способности на европските земји.
Вашингтон засега е воздржан од коментар за итниот состанок во Брисел и планот за повторно вооружување. Државниот секретар на САД, Марко Рубио кој впо интервју за Фокс Њуз се појави со крст на челото, поради одбележувањето на католичниот празник Пепелица повтори дека Трамп е единствениот што може да стави крај на војната.
Соединетите Американски Држави ги прекинаа воената и финансиска поддршка за Украина откако на средбата во Белата куќа вербално се скараа Зленски и Трамп. А од вчера го прекинаа и споделувањето на разузнавачки информации.
Давид Крстевски
