Советот на ЕУ денес усвои мерка за помош во рамки на Европскиот мировен фонд (ЕПФ) во вредност од 10 милиони евра, со цел да се зајакнат оперативните капацитети и подготвеноста на Балканските медицински наменски сили (БМНС).
Како што соопшти Делегацијата на ЕУ во Скопје, балканските медицински наменски сили ги обединуваат воено-медицинските капацитети на регионалните партнери со цел да обезбеди воено-медицинска поддршка за меѓународните операции.
-Мерката за помош преку ЕПФ, исто така, ќе го зајакне капацитетот на БМНС за заштита на цивилното население во случај на природни катастрофи или катастрофи предизвикани од човечки фактор. Балканските медицински наменски сили веќе учествуваа во воени вежби за обука на својот персонал и за зајакнување на својата оперативна подготвеност и интероперабилност и претставува вистински пример за регионална соработка во областа на одбраната – стои во соопштението.
Денешната одлука, додаваат од Делегацијата на ЕУ, ја нагласува континуираната ангажираност на ЕУ и на земјите-членки со партнерите од Западен Балкан во областа на безбедноста и одбраната. Со зајакнувањето на поддршката од Европскиот мировен фонд за наменските сили и за регионот, таа ја одразува нашата заедничка решеност да се унапредат регионалната безбедност, стабилност и отпорност. Балканските медицински наменски сили и вооружените сили на партнерите што даваат придонес ќе добијат опрема за теренски болници, воено-медицински возила и системи за комуникација и информации, како и соодветни материјали и услуги, вклучително и техничка обука онаму каде што е потребно.
Со оваа нова активност, целокупната поддршка од ЕУ за БМНС достигнува 16 милиони евра во рамките на Европскиот мировен фонд.
Европскиот мировен фонд беше воспоставен во март 2021 година за финансирање активности во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика, со цел спречување конфликти, зачувување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност. Конкретно, фондот ѝ овозможува на ЕУ да финансира активности наменети за зајакнување на капацитетите на трети земји, како и на регионални и меѓународни организации во областа на воените и одбранбените прашања.

