Обвинителството треба веднаш да реагира и да ги провери наводите на вицепремиерот Александар Николоски во врска со арбитражните постапки – сметаат аналитичарите. Случајот со Казандол, кој државата го доби на арбитражна постапка, отвори сомнеж зошто претходната власт на СДСМ и ДУИ договарала спогодби кога аргументите очигледно биле на македонска страна. Она што загрижќува е што ова не е единствен ваков случај, што според упатњените треба дополнително да биде мотив за надлежните подлабоко да истражат. Дел од нив сметаат дека мора да се истражи како е дојдено до оваа ситуација, дали некој намерно сакал да го оштети буџетот и дали има простор владата на СДСМ и ДУИ да се повика на одговорност во случајот со арбитражата со Казандол и другите започнати постапки.
„Политичарите знаат дека не сносат никаква одговорност . Се однесуваат на начин на кој буквално не го штитат државниот интерес, туку го штитат само сопствениот интерес и гледаат да се стекнат со некаков бенефит поврзан со некаква ситуација. Верувам дека има простор да се утврди зошто, до каде и како е дојдено до оваа ситуација да се губат голем број на спорови, кој и како не презел одговорност или одлучил да се плати одредена казна“ – вели аналитичарот Синиша Пекевски.
Јавното Обвинителство заега не реагира, односно топката ја префрла на Финансиска полиција. Во одговорот до Алфа стои дека ако надлежните институции не постапат, Обвинителството ќе отвори предмет по допрен глас.

„Сите сомнежи за незаконити дејствија со кои е нанесена штета на Буџетот на државата ги истражува Управата за финансиска полиција, како орган од правосудната полиција надлежен за откривање на кривичните дела во таа област и нивните сторители. Доколку надлежните институции не постапат, јавното обвинителство ќе оформи предмет по допрен глас и ќе ги провери наводите“ – информираат од Јавно Обвинителство.
Ваквиот развој според Пекевски го потврдува она што е стара болка на правосудството. Селективноста, односно непостапувањето за случаи за кои постојат очигледни сомнежи за злоупотреби и проневери на државни средства од страна на поранешни функционери. Оттука според него и не треба да чуди зошто довербата во судството е катастрофално лоша:
„Ако се сеќавате на случајот со министерката за култура со купувањето на сите оние работи во Лондон, купување на државна сметка, амбасадорот во САД кој со службена картичка си купувал приватни работи, поранешниот министер за здравство – никаква одговорност околу модуларната болница. На крајот се се сведува на празни кулоарски и медиумски приказни“ – вели аналитичарот Синиша Пекевски.
Вицепремиерот Николоски изјави дека случајот „Казандол“ бил наследен во затворена фаза и со сериозни отежнителни околности бидејќи претходната влада преговарала за спогодба и не доставила нови докази. Тој рече дека токму поднесувањето свежи докази и одбивањето на понудата за спогодба од 38 милиони евра било клучно Владата да го добие спорот вреден 115 милиони евра. Оваа Влада наследи 8 арбитражи. Од нив, досега доби 3, при што им заштеди 565 милиони евра на граѓаните. Во изминатите 14 месеци не се отворени нови арбитражни постапки.
