Реклама
Македонија

До крајот на животот во затвор: Доживотни казни за Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев

Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев остатокот од животот…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев остатокот од животот ќе го поминат во затвор, Александар Ѓорчевски ослободен. Судот им пресуди четири доживотни казни за двојното убиство на велешанецот Панче Жежовски и 14 годишната Вања Ѓорчевска. Покрај за убиство сите се виновни и за киднапирањата на двете жртви, за што добија по 10 години затворска казна. Според пресудата директен извршител на убиствата е Палевски, кој и во двата случаи пукал во глава, додека во киднапирањата му помагале Видевски и Манев, а Кешишев бил логистичка поддршка, односно или чувал стража или бил возач.

-А за кривичното дело убиство од член 123, став 2, точка 1 и точка 7 во врска со член 22 од кривичниот законик и за кривичното дело убиство од член 123, став 2, точка 1, точка 4 во врска со член 22 од кривичниот законик, двете казниви по член 123, став 3 од КЗ, на секој од обвинетите поединечно им утврдува казна доживотен затвор, се вели во пресудата.

Обвинителството изразува задоволство од највисоките казни, но незадоволство од ослободителната пресуда за таткото на Вања. Велат успеале да докажат дека и кај него имало вина, а дали ќе поднесат жалба ќе одлучеле откако ќе ја добијат писмено целата пресуда.

Реклама

-Во однос на обвинетиот Александар Ѓорчевски, иако денеска не ги слушнавме аргументите на судот за ваквата пресуда, неспорен факт кој што стои на страна на овој обвинет е дека единствено родителите на детето, знаеле дека детето по исклучок критичниот ден ќе оди само на училиште, двајца обвинети дадоа исказ дека овој факт тие го дознале од таткото, не од некој друг, изјави обвинителката Ана Стојковиќ Димитриевска.

Адвокатите на доживотно осудените ќе поднесат жалби за пресудата, бидејќи велат судот не успеал да докаже вина кај нив.

-Како што почна така и заврши овој циркуз, гледате дека без ни еден доказ самото Обвинителство конфузно и во завршен збор, каде што целиот акцент го стави малтене целото внимание на таткото. Денеска таткото по мене доби заслужена ослободителна пресуда, изјави Јовица Страшевски, адвокатот на Љупчо Палевски.

-Судот во својата одбрана вика дека човекот е убиен 10, 10:30, цела Македонија виде снимка дека човекот 12 и пол саат човекот е жив на бензиска станица Лукоил во Велес, изјави Бојан Манев, адвокатот на Боре Видевски.

-Доколку не бил Кешишев немаше да бидат пронајдени ниту телата, ниту пак начинот на извршување на грабнувањата, а особено сметаме дека судот не поклони доволно верба на исказот на Кешишев, изјави Игор Ефремов, адвокатот на Влатко Кешишев.

Адвокатот на Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ вели дека ослободителната пресуда е очекувана, но и дека целото образложение празно и не дава одговори на неколку клучни прашања.

-Зошто е киднапирано и убиено ова дете, не добивме одговор на прашањето зошто по секоја цена се инсистираше да Александар биде дел од оваа постапка, иако од првиот момент се знаеше дека за него нема ниту еден доказ, што значи должни се институциите кои ја раководеле оваа истрага да дадат одговори, изјави Туфегџиќ.

74 годишниот Панче Жежовски беше убиен на 22-ри ноември 2023-та, додека пак Вања Ѓорчевска на 27-ми ноември. Двете тела полицијата ги пронајде на трети декември 2023-та година.

Матеја Петровски