Проекцијата за инфлацијата е намалена, нашите согледувања се дека ќе биде пониска и од она што повторно го проектираме, но внимаваме многу со бројките поради случувањата во глобални рамки – рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Огромната неизвесност, како што напомена, не дава комоција и за коригирање на БДП во нагорна линија.
– Проекцијата за инфлацијата е намалена, нашите согледувања се дека ќе биде пониска и од она што повторно го проектираме, но во последните денови во Европа се случуваат некои работи што не ги очекувавме. Бидејќи е голема незивесноста, одлучивме стапката на инфлација да ја оставиме малку повисока од тоа што покажуваат математиките, а тие покажуваат дека би била под 3,5 отсто или 3,5 проценти. Нашите последни бројки се 3,8, а претходно беа 4,5 проценти. Сепак, мора да оставиме малку простор. Ние ги следиме состојбите на меѓународните пазари и геополитичките состојби. Последните една или две недели има многу големи промени, кои негативно влијаат врз целата европска економија, па и на светско нив, а не можеме да знаеме до кога тоа ќе трае. Следната недела се годишните средби на ММФ и Светската банка, ќе одиме таму, но повеќе од јасно е дека неизвесноста е огромна и од таа причина внимавме многу во проекциите – нагласи министерката одговорајќи на новинарски прашања откога ги соопшти клучните параметри на вториот ребаланс на буџетот.
Таа потсети дека Светската банка го корегира БДП за 2026 во нагорна линија.
– И нашите очекувања се дека можеби ќе биде и подобро од она што е проектирано, влеговме во четвртиот квартал, состојбите се јасни, имаме јасна динамика на реализација и инвестиции и во јавниот и во приватниот сектор, но неизвесноста е оргомна и не дава комоција да го коригираме БДП во нагорна линија – дополни Димитриеска-Кочоска.
Осврнувајќи се на ребалансот, објасни дека кратењата во делот на капиталните инвестиции се направени најмногу од проектите што сè уште не се почнати.
– Кога станува збор за капиталните расходи, морам да кажам дека тука едно од поголемите кратења беше во Министерството за животна средина, околу 1,5 милијарда, и во Министерството за финансии – функции на државата. Станува збор за проекти за кои е извесно дека ќе имаат одредено одложување зашто сè уште не се технички подготвени за почнат. Постојат и други кратења, во Управата за извршување санкции, на пример. Таму има еден проект, тендерот беше поништен, додека се објави следниот, повеќе од јасно е дека ќе треба време и дека не може да се повлекуваат средства до крајот на годината. И во Министерството за финасии за проектот за новиот систем за трезор-буџет, јавен долг и јавна внатрешна контрола имаше одлагање – истакна Димитриеска-Кочоска.
Во делот на субвенции и трансфери, информира, има поголемо кратење во Министерството за енергетика, околу 1,8 милијарда денари. Средствата биле наменети за плаќање некои договори кон странство, кои е извесно дека нема да се реализираат до крајот на годината. Оваа прилично голема ствака е пренасочена кај Министерството за социјална полтиика – дел за социјална помош, но и за други намени и проекти.
– Има кратења и во Министрството за финансии, средства наменети за кофинансирања проекти што не се почнати, како и кратења во Владата за договори што до крајот на годината нема да се реализираат. Тоа се поголемите ставки – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа информира и дека е многу голема веројатноста за прераспределба на средствата од буџетот до Нова година.
– Веројатноста дека ќе има прераспределба е многу голема зашто Министерството за финансии не можеше да направи одредени кратења кај некои институции поради нивната независност во финансирањето што ја стекнале пред неколку години. Значи, претходно не биле независни во делот на финансирањето, сега се независни и кај нив гледаме дека реализацијата исто така не е во согласност со планираното, но овој пат не можевме да направиме одредени кратења и, најверојатно, ќе има прераспределба некаде во декември, при што тие средства што не се искористени во тие институции ќе можеме да ги пренамениме онаму каде што би имало потреба – рече министерката посочувајќи го Собранието како пример.

