550 милиони евра тежи трговската размена помеѓу Македонија и Полска која треба да продолжи да расте и зголемува. Тоа е една од поважните заложби на македонската амбасада во Варшава. Билатералната соработка според македонските амбасадор во полската престолнина е на одлично ниво. Јасмин Ќахил пред камерата на Алфа вели дека Полската Република секогаш била тука кога и требало помош на Македонија.
„На пример, приемот на нашите деца бегалци после граѓанската војна во Грција, помошта после реконструкцијата на, на Скопје по земјотресот, приемот лани на пациенти во болницата во Лублин од катастрофата во Кочани. Полска ни помага. Генерално имаме одлични односи. Тие може да се подобрат. Трговската размена не е толкова колку што би сакале, околу петстотин педесет милиона во обата правца со дефицит од наша страна. Полска е наш десети трговски, трговски партнер, меѓутоа ние би сакале да биде на повисоко место“, изјави Јасмин Ќахил, амбасадор на Македонија во Полска.
Полската власт според амбасадорот Ќахил не ги искратува Македонците од какви било права додека живеат и работат на нивна територија. Такви има околу 1000, кои по неколку години или децении кариерата ја градат во Полска.. Доктори, економисти, комјутерски инженери, а има и еден угостител – сопственик на ресторанот „Александрија“ во полскиот град Гроџиск Виелкополски. Марјан Димитриоски вели дека со сите сили се бори за да опстои ресторанот со македонска храна во која уживаат и Полјаците.

„Во ресторанот настојувам, настојувам со сите сили можни, тоа самото име на ресторанот го кажува, да ја промовирам културата, музиката македонска, културата македонска, пред се јадењето македонско. За таа цел имам и во името на ресторанот, на пример специјалитет Александер Македонски, специјалитет Филип Втори Македонски и така објаснувам зошто е тоа така ставено и така натаму“ Тешко ли е да се живее далеку од дома? Секако дека тешко. Меѓутоа, додека се вратиме ќе се бориме тука, ама ќе се вратиме сигурно во Македонија, сигурно“ рече Димитриоски Горан – Сопственик на македонски ресторан „Александрија“ во Полска.
Димитар Богов околу 4 години живее во Варшава и работи во Европската Банка за обнова и развој, како главен економист за Источна Европа и Западен Балкан.
„Засега останувам на ова работно место во Европската банка за обнова и развој и ќе видиме што ќе донесе иднината. Меѓутоа, задоволен сум од работата тука. Убава работа, повторно со економија, со земји коишто се слични како Македонија, така што интересна е работата и сега го исполнува“, изјави Димитар Богов, Македонец во Полска.
Во Полска повеќе од две години функционира Здружението за промоција на македонската култура. Претседателот на Здружението, Шутиновски за Алфа вели дека Полјаците се интересираат но и многу знаат за македонската историја.
„Нашата основна цел е да градиме мост меѓу полскиот народ и македонскиот народ и со тоа да промовираме тоа што тоа убаво богатство што го имаме долу во Македонија. Имаме презентација на Универзитетот за туризам во Жешов, кај што ќе презентираме богатствата културни, историски и туристички богатства на Македонија“, изјави Горан Шутиновски, Претседател на Здружението за промоција на македонската култура во Полска.
Според Ќахил, Полска направила големи напори минатата година додека претседаваше со Европската Унија за евроинтегративниот пат на Македонија, а за тоа доказ е предлогот за медијатор за односите Скопје Софија.
