Делчевските матуранти синоќа со традиционално дефиле низ центарот на градот ја одбележаа матурската вечер, обојувајќи го Делчево во духот на младоста, елеганцијата и надежта.
Вкупно 66 матуранти од средношколскиот училишен центар СОУ „М.М.Брицо“ продефилираа пред бројни граѓани, кои со аплаузи и поддршка ја поздравија генерацијата 2022/2026 на нивниот свечен чекор кон новото животно поглавје.
Градоначалникот Гоцевски, упатувајќи честитка до матурантите, истакна дека тие ја имаат моќта да го менуваат светот на подобро.

– Искрено ви ја честитам матурата и ви посакувам да сонувате, да патувате и да ги остварите вашите амбиции. Чекорете гордо и достоинствено, освојувајте нови височини и претворајте ги предизвиците во можности. Матурата е почеток на нов период од вашиот живот, рече Гоцевски.
Тој додаде дека знаењето стекнато во училиштето претставува цврста основа за идниот напредок на младите, а пријателствата од ученичките денови остануваат трајна вредност.
Во рамки на свеченоста беа доделени признанија за најдобрите 10 матуранти. За првенец на генерацијата е прогласен Лука Стојменовски од класот 4-1.
Меѓу најуспешните матуранти се и Ива Цонева, Даме Ивановски, Ива Анакиевска, Ивана Дамјановска, Сара Петровска, Сара Ангелова, Ана Ивановска, Јана Попова и Сара Тодоровска.
Согласно Програмата за образование на Општина Делчево, најдобрите 10 матуранти ќе добијат парична награда од 20.000 денари, додека првенецот на генерацијата ќе биде награден со 30.000 денари.
