Преку активности за зголемена физичката активност и прифаќање здрави навики да се намали процентот на дебелина кај учениците во државава. Тоа е клучната цел на проектот што на иницијатива на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, беше промовиран денеска на настан кај претседателката на државата на кој учествуваа дечиња од предучилишна возраст и ученици од основно и средно образование.

Станува збор за развоен проект за примена на национален модел за промоција на физичка активност, здрави навики и ментално здравје кај децата од 6 до 14 години, врз основа на постојните национални податоци за физичкиот фитнес и нутритивниот статус. Со намалување на гојазноста, како што беше речено, ќе се превенираат огромен број деформитети, идни отсуства од учлиште, ќе се зголеми ефикасноста и работоспособноста во иднина и Брутодомашниот производ.
Претседателката Сиљановска-Давкова им порача на децата да се движат, да вежбаат, да јадат здрава храна, да ја одржуваат хигиената, да бидат во храмонија со природата. Им укажа на придобивките од физичката активност и правилната исхрана.

– Вежбајте ги телото и умот. Ако не го употребувате умот, ќе згасне. Ако не го вежбате телото, ќе се деформира. Ако ги вежбате двете, тогаш резултатот ќе биде видлив. Од деца да се учите да спортувате, да ја чувате природата, да вежбате, здрава храна да употребувате, конзервираните нешта да ги заборавите, оти што поубаво изгледаат, мирисаат, толку поштетни се, порача Сиљановска Давкова.
Кога се движиме, укажа таа, не само што топиме калории, тоа е здраво и за нашето тело и за умот кој работи подобро кога се движиме. Нашиот народ опстојувал низ историјата заради евтината здрава храна, најчесто овошје и зеленчук, а јаделе месо кога треба во зима, рече претседателката и истакна дека физичкото образование е еден од најважите предмети и се усовршува во сите можни правци на Факултетот за физичко образование, култура и здравје.
Им порача на децата да се угледуваат на тие, кои, рече, не не навредуваат и ги бираат зборовите, на тие кои вежбаат, што значи телото си го почитуваат и на тие кои помагаат околу заштитата на животната средина.
– Тоа е денеска моделот што ќе нѐ направи нас вистински европејци, со здрави навики. А тоа со мобилните, со лошите зборови, со алкохолот, со цигарите – да им помогнеме на оние кои сѐ уште живеат во тој свет подобро да живеат, да се ослободат од нив, нагласи претседатлеката Сиљановска Давкова.
Деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Влатко Неделковски, посочи дека проектот произлегува од собрани податоци од претходите години од деканати, општини, државни проекти и резултати од Институтот за јавно здравје.
– Не треба да бидеме задоволни што се наоѓаме во просекот на Европа по однос на она што е посебна таргет на овој проект за намалување на телесната тежина на нашите ученици. Не треба да се задоволуваме со просекот, треба да направиме исчекор и да се обидеме да ја намалиме процентуално дебелината на нашата школска популација. Проектот е замислен како зголемување на физичката активност и здравјето на учениците во училиштата во Македонија. Сигурен сум дека можеме да направиме многу заедно со Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, со Институтот за јавно здравје, Фондот за здравствено осигурување, ЗЕЛС, сите кои можат и сигурен сум дека ќе помогнат во оваа наша цел, рече Неделковски.

Треба, порача, да го дадеме нашиот максимум затоа што децата ни се по цел ден на училиште, – Интенцијата на Министерството е целодневна настава од осум часа до пет попладне. Голем број земји околу нас, особено предничат Хрватска, Словенија, Унгарија,… веќе спроведуваат слични вакви проекти. Да се симнеме на 30 проценти гојазност ќе превенираме огромен број деформитети, идни отсуства од учлиште, ќе ја зголемиме ефикаснота и работоспособноста во иднина, а според некои и Брутодомашниот производ за 0,3 проценти, што не се малку средства, Пари никогаш доволно, меѓутоа и здравје никогаш доволно. Ги имаме сите алатки, го имаме целиот систем, помали сме, се познаваме, многу полесно можеме да ги спроведуваме работите за разлика од поголемите од нас. Само ни треба добра мотивираност и институционална соработка и сигурен сум дека резултатите ќе дојдат. Основа за физичка активност и понатака за врвен спорт секако е здрава нација којашто не му треба само на спортот туку и на општество за да можеме да се развиваме во правецот што сме го зацртале, рече Неделковски.

Идните фази на проектот ќе се спроведат со експертска група од Хрватска и Словенија, заедно со Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и Владата, а поставените цели се очекува да бидат постигнати за три до четири години.
Видеото може да го погледнете на следниот линк:
