Швајцарската комора на Северна Македонија „СвисЧам МК“ и Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), поддржани од „MSC Македонија“, на заедничка маса денес диксутираа за современите решенија при транспортот на температурно-чувствителни производи, во кои спаѓаат свежите прехранбени производи од млечно и месно потекло, зеленчукот и овошјето. Настанот кој се одржа во Гевгелија, се реализира како мастер клас на тема „Најнови трендови и практики во фриго логистиката“ за унапредување на извозната конкурентност на домашните компании.
Како што соопштија од Швајцарската комора, дебатата на едно место ги обедини претставниците на извозно ориентирани компании, логистички експерти и институции, како и компании со амбиција за излез на странски пазари, со цел да разменат практични знаења за оптимизација на логистичките процеси, управување со ризици и унапредување на ефикасноста во синџирите на снабдување.
-Логистиката денес не е само поддршка на бизнисот, таа е стратешка предност. Идејата зад соработката меѓу „СвисЧам МК“ и MSC е преку едукација и размена на знаење да им се помогне на компаниите кои извезуваат, но и на оние кои планираат да извезуваат да ги намалат трошоците и да обезбедат сигурност во испораките, особено кога станува збор за производи кои се чувствителни на температурни промени при транспортот- истакна Сања Радовановиќ, извршна директорка на „MSC Македонија“ и заменик претседателка на „СвисЧам МК“.

Како што потенцираше Михал Харари, заменик шеф на мисија во Амбасадата на Швајцарија, „СвисЧам МК“, претставува значајна платформа за градење партнерства и отворање нови можности за трговија преку синергија со програмите поддржани од Швајцарската амбасада, како што е Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, кои придонесуваат за зголемување на конкурентноста.
Во фокусот на дискусијата беа современите решенија за транспорт на температурно-чувствителни производи, како и улогата на глобалните логистички системи во отворање на нови пазари за македонските компании, со споделување на искуствата од MSC како глобален лидер кој опслужува над 300 рути и 520 пристаништа ширум светот.
-Клучот за успешен извоз на температурно чувствителни производи е постојаноста на температурата и влажноста на воздухот при транспортот, каде и мали отстапувања можат да доведат до значителни загуби кај компаниите. Правилното управување со ладилните контејнери и мониторингот во реално време, се само дел од современите решенија, кои значат ефикасност и климатска одржливост- посочи Љиљана Лукиќ од „MSC Србија“.
Пред присутните се презентираа и новите дигитални решенија за следење на извозните постапки како важен инструмент за зголемување на ефикасноста и транспарентноста во логистичкиот синџир. Особено беше истакната и улогата на царинските служби во олеснување на меѓународната трговија и примената на дигитализирани алатки во царинските процедури, за побрз проток на стоки, намалување на административните бариери и зголемување на конкурентноста на извозниците.
Во делот на царината, Драган Ивановски, началник на одделение за царинска тарифа, потекло и царинска вредност на стока информираше за институционалните аспекти за олеснување на извозните постапки.
Присутните потенцираа дека зголемувањето на конкурентноста на македонските компании, особено преку извоз, треба да се темели на пристап до знаење и современи практики и го поздравија изборот на Гевгелија како локација за одржување на мастер класот, имајќи предвид дека јужниот регион е центар на производствената индустрија, особено во агросекторот и преработката на овошје и зеленчук.
