Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска е поканета да стане членка на Управувачкиот комитет на Мрежата на жените лидери во јавниот сектор за климатски прашања. Таа денеска во Брисел ќе учествува на основачкиот собир и на првиот лидерски дијалог на новата европска платформа.
Поканата ја упатила претседателката и основачка на организацијата „Жени политички лидери“ (Women Political Leaders – WPL), Силвана Кох-Мерин. Како што наведува Министерството, во неа се истакнува работата на Божиновска за унапредување на енергетската транзиција, зајакнување на енергетската сигурност и диверзификација, развој на обновливите извори и регионална енергетска соработка.
Организаторот го посочува и нејзиното искуство во јавните политики и на меѓународните енергетски пазари како значаен придонес за идната работа на комитетот.
– Управувачкиот комитет ќе ја определува стратешката насока на мрежата, ќе учествува во утврдувањето на нејзините приоритети и годишната агенда и ќе придонесува во дијалозите на високо ниво. Поканата за ова тело отвора можност македонските искуства и приоритети да бидат вклучени уште при обликувањето на новата иницијатива – истакнуваат од Министерството.
Мрежата е основана од WPL, под покровителство на принцезата Мари-Есмералда од Белгија, и е развиена во партнерство со Мрежата на жените лидери за климата на Групацијата на Европската инвестициска банка.
На собирот е потврдено учеството на принцезата Мари-Есмералда, европската комесарка за животна средина, отпорност на водните ресурси и конкурентна циркуларна економија, Џесика Росвал, и министерката за туризам на Грција, Олга Кефалогијани, која е една од основачките кораководителки на Управувачкиот комитет.
– Разговорите ќе бидат посветени на чистата електрична енергија, отпорноста на инфраструктурата и соработката меѓу јавниот и приватниот сектор. Ќе се разгледува и улогата на дигиталните технологии и одговорната примена на вештачката интелигенција во поддршката на климатската транзиција. Целта е размената на искуства да придонесе за практични препораки, подобри политики и мобилизирање инвестиции – стои во соопштението на Министерството.
Според концептот на иницијативата, основачката група е предвидено да опфати од 20 до 30 жени на високи политички и јавни функции, со фокус на Европската Унија и со пошироко европско учество. За Македонија, вклучувањето во оваа соработка отвора простор за партнерства во енергетиката и за непосредна размена со европските носители на одлуки за посигурен, поотпорен и поодржлив енергетски систем, додаваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

