Од 7% Албанци вработени во администрацијата во 1999-та до повеќе од 22% на крајот на минатата година. Рамковниот договор и балансерот си го направија своето. Над 20 илјади Албанци се „вдомија“ во јавниот сектор од 2001-вата досега, не затоа што се поквалификувани од другите, туку затоа што се дел од етничката заедница која се бара во огласите за работа. Бројката е многу поголема ако се додадат МВР, одбрана, кои исто така, во текот на годините ангажираа овластени службени лица од албанска припадност, како и членовите на управните и надзорните одбори.
Па така, замислата да се вработат што е можно повеќе Албанци, го претвори јавниот сектор во најпосакувано место за вработување кај албанското население. Интересно е тоа што се бараат Албанци и таму каде што ги нема. Од шумар во Берово, преку чувар во Радовиш до администратор во Гевгелија. Се изнаредија бројни огласи за државно вработување на Албанци во делови од Македонија кадешто речиси и вооопшто да не живеат луѓе од оваа етничка припадност. Кон крајот на минатата година, „Национални Шуми“ од 8 вкупно жители Албанци во Кратово, бараше тројца вработени, а ниту еден Македонец, Турчин или Ром. Отворено место за Македонец на некоја од позициите немаше ниту во Кочани, Крива Паланка, Валандово, Прилеп, Велес, Струмица.
Тоа е отприлика праксата што произлезе од Охридскиот рамковен договор и обврската за т.н. правична застапеност. Револтот кај другите националности се зголеми, па не ретки беа случаите, тие да се пишат како Албанци за да добијат работа. Десетина Македонци се пишале Албанци за да станат пожарникари во Скопје, уште толку за да работат како земјоделски инспектори, уште неколку за да станат службеници во општина. Македонци станувале Албанци и Турци за да се вработат во Музејот во Струга.

Гневот кај граѓаните од другите етнички заедници го зголеми и познатиот факт дека многу Албанци со години не одеа на работа, голем дел беа и во странство, но во Македонија им течеше стаж и си примаа плата секој месец.
Се случуваат и обратни ситуации. Онаму кадешто е пополнета квотата за Албанци и други националности, Албанците да се декларираат како Македонци, за преку изигрување на „етничкиот филтер“ да дојдат до работа.
Во моментов балансерот е надвор од функција до конечната одлука на Уставниот суд. Сепак, тоа не го менува фактот дека од 110 илјади во јавниот сектор, 24.316 се Албанци, што е за речиси 500 повеќе за само една година. Истовремено бројот на Македонци е намален за 1.100 службеници. За една година е зголемен бројот на Турци, Бошњаци и Власи, а намален бројот на вработени Срби и Роми.
