Реклама
Македонија

Арсовска остава во наследство еден куп проблеми за идниот градоначалник на Скопје

Ќе седне во фотелјата, но не на чист терен. Новиот градоначалник на…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Ќе седне во фотелјата, но не на чист терен. Новиот градоначалник на Скопје нема да наследи само град – туку и еден комплициран систем што крие повеќе проблеми отколку што нуди решенија. Наследува ветувања, проекти што тапкаат во место, системи на раб на колапс, и граѓани што одамна изгубиле трпение. Пред него не стои само функција, туку обврска. И таа е итна. Скопје одамна чека. А на врвот на листата на чекање е – подземната сообраќајница под „Лимак“. Еднаш најавена како проект што ќе го револуционизира сообраќајот во центарот, денес е симбол на застојот. Требаше да има шест ленти, современи приклучоци, посебни коридори за автобуси, нова пешачка мрежа. Но тоа остана само на рендер. На терен – незавршена улица, недостапна инфраструктура, и цел кварт што сè уште чека нормален пристап.

 И токму тој урбан застој се шири како пајакова мрежа  – за многу од нив се ветуваше дека ќе се реконструираат но безмалку, сите останаа заглавени во фаза „планирање“. Скопје има визии за проширување, но не и изведба.

 Автомобилите стојат, притисокот расте, а нервозата е дел од секојдневниот градски сообраќај. Не помага ни фактот што некои од најопасните крстосници во градот – како таа кај „Јане Сандански“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ – требаше да добијат кружни текови и нови решенија уште пред неколку години. Планот беше 50 крстосници до 2030-та. А денес? Сè уште се бројат на прсти – и тоа во проектни документи, не на терен.

Реклама

Во вакви услови, кандидатите најавуваат инфраструктурна офанзива.

Орце Ѓорѓиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека новиот Скопје ќе се гради на темели на сообраќајна безбедност и поврзаност.

Во неговата програма, централно место имаат булеварите „Македонија“ и „Хрватска“, кои треба да формираат функционална обиколница. Планирани се доградба на булевар „АСНОМ“, нов мост на „Февруарски поход“, како и кружен тек кај „Бутелска“ и „Александар Урдаревски“.

Најавени се и реконструкции на „Даме Груев“ и „Загребска“, со комплетна нова инфраструктура. Ѓорѓиевски ветува град што „конечно ќе почне да се движи без застој“.

Амар Мециновиќ, кандидатот на Левица, пак, нуди сопствена верзија на модерно Скопје.

Прво – довршување на булеварите „Никола Карев“, „Хрватска“ и „Борис Трајковски“. Потоа кружни текови кај Ѓорче, Хром, Маџари и Мавровка, како и нов влез во населбата Даме Груев и патна врска до Матка.

Но има и футуристичка компонента: елевирана железница и циркуларни електрични автобуси – со цел побрз и почист јавен превоз.

„Скопје ќе стане модерен, зелен и функционален град“, вели Мециновиќ.

Но и најдобрите планови немаат смисла без решавање на секојдневието.

И додека градот со години зборува за сообраќајни решенија – автобусите на ЈСП го оддаваат вистинскиот ритам на Скопје: задоцнет, несигурен. Возниот парк е застарен, редовните линии нередовни, а во некои населби автобуси и не доаѓаат. Тоа ги тера скопјани сè повеќе да се потпираат на лични возила – со што го зголемуваат сообраќајниот метеж, но и загадувањето.

 А кога ќе заврне дожд – се потсетуваме дека канализацијата за атмосферски води не ја следи урбаната експанзија. Делови од Аеродром, Ѓорче, Кисела Вода – често се под вода. А во исто време, пукнати цевки оставаат цели населби без вода со часови. Основната комунална мрежа пука – буквално и системски.

Сето тоа доведува до еден друг слој: град што не само што не тече – туку не се чисти. Контејнери кои не се празнат навреме, остатоци од градежен шут, диви депонии и заборавени улици меѓу зградите. Вардариште често гори, а воздухот станува секојдневна опасност. Сообраќајниот застој, затоплувањето и старите автомобили го прават Скопје град во кој дишењето – станува луксуз. Ова е реалноста.

И таа нема да чека. Новиот градоначалник ќе мора да почне со „поправка“, не со „претстава“. Ќе биде оценет не по бројот на сечени ленти, туку по тоа дали ќе се довршат тие што сега зјаат незавршени. Дали ќе има вистински автобуси што доаѓаат навреме. Дали улиците ќе бидат проодни. И дали воздухот ќе стане подобар. Скопје е град со потенцијал. Но потенцијалот не е доволен. Потребни се решенија – и тоа брзи. Зашто граѓаните не чекаат уште еден мандат за ветувања. Тие чекаат промена што ќе се почувствува – на улица, на автобуска станица, во белите дробови.