Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање денеска ќе одржи амандманска расправа за Предлог законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во второ читање. За Предлог-законот поднесен е еден амандман од пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски.
Основната цел на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е да се воспостави фискално одржлива рамка за финансирање на радиодифузната дејност, при што средствата се утврдуваат за период од пет години и се обезбедуваат од Буџетот во висина од 1% од реализираните даночни приходи утврдени во последната донесена завршна сметка на Буџетот на Македонија, пред донесување на Буџетот на Македонија.
– По истекот на периодот од пет години ќе се изврши редефинирање на висината на средствата за финансирање за наредните пет години во висина од 1% од реализираните даночни приходи утврдени во последната донесена завршна сметка на Буџетот на Македонија, пред донесување на Буџетот на Македонија. Тоа ќе обезбеди стабилност и предвидливост на финансирањето, без притоа да се наруши ликвидноста и нормалното функционирање на буџетот – се посочува во Предлог-законот објавен на собраниската веб-страница.
Во Собранието денеска ќе заседаваат и Комисијата за социјална политика, демографија и млади и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред на Комисијата за социјална политика, демографија и млади се Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за семејството, сите во прво читање.
Членовоте на Законодавно-правната комисија ќе ги разгледуваат Предлог на законот за престанување на важењето на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Македонија, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за Фондот за осигурување на депозити, Предлог на Законот за семејна и станбена поддршка, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за семејството, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, сите во прво читање и Предлог на законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, двата во второ читање.

