На десетина километри од Маврови Анови, или 14 километри од Маврово, на патот кон Дебар од десната страна на шарскиот масив се наоѓа селото Бродец, а во неговиот атар црквата Св. Петка. Изградена е пред околу 15 години, а ова место претставува светилиште за локалните жители повеќе од 15 векови. Во близина на цркавата се наоѓа извор со вода за која многу луѓе веруваат дека е света. Иако до неа се стигнува по земјен пат, тоа не е пречка за голем број христијани, но и муслимани па и верници од други вери тука да го најдат мирот и, а во водата лекот за нивните болести. Според преданијата, водата им помага на деца да прозборат, да ги надминат стравовите, а на повозрасните им помогнала во лечење на мигрена, или други тегоби. Легендите и преданијата велат дека оваа вода носела и среќа и во љубовта, па многу немажени и неженети доаѓале тука, се молеле, а потоа си ја наоѓале љубовта со која живееле долго.
„Светата вода доста е посетена. Има на многу народ има помогнато многу народ излекувано. И оваа вода датира, никој не знае точно, но некои велат дека е од 6ти век. Порано пешки доаѓаѓе народот по козји патеки, но сега отворивме и нов пат“, рече Славко Ѓиноски, претседател на Црковен Одбор село Бродец, манастир Св.Петка.
„На ваквите места продолжува животот практично. Живото на луѓето од овде. Колку бил суров тој во планината, колку бил суров овде во прироадата, толку бил богат и со душата, духовноста и опстојот. Светатата вода што се искажува низ векови, практично било едно извориште во опстојот. Тоа извориште носело кај луѓето кои што верувале и веруваат и треба да веруваат за надминување на било кој било проблем во животот и на судбините кои се случувале“, рече Душко Шарески, мештанин и познавач на историјата.

Верувањето кај мештаните е дека оваа вода лекува само во петок. Почнувајќи од петокот после Балаклија, или источен петок, до последниот петок пред верскиот празник Балаклија. Традиција е жителите од селото Бродец, но и од сите други села кои гравитираат во околината, токму на Балаклија да се соберат во дворот на храмот и да подготват голема веселба според обичаите, со оро песна и здравица од кумот. На оваа прослава доаѓаат и голем број раселени жители од крајот кои се враќаат во своите огништа или пак се среќаваат со веќе подзаборавените пријатели, кои далечината ги одвоила.
„Порано се немало местово ова било карпесто. Порано ќе си дошле ќе се измиеле и ќе си ручале селаните., А од кога се изгради од 2015 година, се повеќе народ доаѓа“, додаде Ѓиноски.
Ова практично бил ден кога сите 14 села наоѓале свето место. На овој ден доаѓале фамилијарно сите луѓе во овие светилишта. Средбите биле неминовни, животот да тече понатака, младите си ја гледале покрај љубовта кон господ и кон момчињата и девојчињата и практично во овие денови биле тие контакти и средби – што во текот на годината од денот на комуникацијата до она што значи понатамошна традиција на младите. Почнувале наесен свадбите и со тоа се возобновувало местото и си живеело со сите овие традиции и вековни определби“, додаде Шароски.
Многумина сметаат дека ова е православно светилиште, но во историјата тоа е светилиште на сите жители од крајот без разлика на вероисповедта, а доаѓаат дури и жители на Косово, Албанија и други држави од регионот. Многу преданија кои ги слушнавме додека бевме во селото велат дека причина за повторно да заживее ова место е светата вода за која слушнале и странци од европските земји. Со возило од Јавното комунално претпријатие на Маврово, од Маврови Анови до црквата ни беа потребни околу дваесетина минути. Оваа убавина се наоѓа на околу час и половина од Скопје, со што дополнително е привлечна за еднодневни посети во прекрасна природа.
