Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Националната академија за правосудство на Франција денеска потпишаа протокол за соработка со цел унапредување на обуката во правосудството и продлабочување на размената на знаења и искуства меѓу правните професионалци од двете земји.
Како што соопштуваат од АСЈО, протоколот во просториите на Академијата го потпишале директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски, и директорката на Секторот за меѓународна соработка во Националната академија за правосудство на Франција, Емануел Лудик Барон.

На свеченото потпишување присуствувал и амбасадорот на Франција во земјата, Кристоф Ле Риголер, кој ја нагласил улогата на двете институции во зајакнувањето на правосудните системи и владеењето на правото.
– Протоколот ја изразува желбата на двете институции да ја продолжат соработката и да воспостават одржлив дијалог во согласност со меѓународните стандарди за почетна и континуирана обука во правосудството, со цел создавање правосудна заедница обединета околу вредностите на владеењето на правото – стои во соопштението од АСЈО.
Соработката ќе се реализира преку размена на искуства, знаења и добри практики меѓу француските и македонските правни професионалци, со цел унапредување на квалитетот на правосудната обука и нејзино усогласување со современите предизвици.

