Разгорување национализам, злоупотреба на механизми како Бадентерот за блокирање на државата. По неколку месеци еден вид отстуство, ДУИ повторно се јави во ист стил и покажува дека не знае како да функционира надвор од власта. Во моментов поради интегративците во Собранието се блокирани два важни закони, едниот за правична застапеност, другиот за високо образование. Според експертите ова е веќе видено и очекувано сценарио на Али Ахмети. Политичкиот аналитичар Љуљзим Фаризи за Алфа вели дека со крајна цел доколку е можно повторно некако да бидат власт, ДУИ блокираат процеси кои се и повеќе од важни за нормално функционирање на државата.
-Целта на ДУИ е да ги блокира институциите во државата, злоупотревајќи го бадентерот, како основ за да се донесат тие закони, особено Законот за правична застапеност и Законот за високо образование. Особено вториот закон е многу важен целосно за сите граѓани во државата, а вториот е поврзан директно со вработувањето на Албанците во јавниот сектор. Крајна цел е да се вратат во власта, изјави Фаризи.
Последниов период Ахмети во јавноста излегува со информации кои по се изгеда ги има само тој, дека во Уставниот суд имало иницијатива за отворање на хашките случаи, каде би требало да одговараат токму тој и негови сопартијци. Според првиот човек на ДУИ, ако се отворале стари рани, болката била поголема отколку да се отвораат нови рани. Фаризи вели дека Ахмети во оваа ситуација се фаќа за сламка за спас, бидејќи интегративците веќе нема како да ја имаат политичката моќ од минатото.

-Многу е важно дека ДУИ е сега сама политичка партија, која делува во Собранието, нивниот резултат кој го имале во Собрание, особено во 2024-та не можат никогаш веќе да го повторат, имајќи предвид дека не се во коалиција со другите помали политички партии, кои што се расцепени во многу делови. Најверојатно ДУИ и Влен силите кога ќе ги одмерат, ќе бидат речиси еднакви, така што мислам дека ДУИ, никогаш повеќе не може да биде фактор каков што бил во нашето политичко дејствување, изјави Фаризи.
Од ДУИ го повторија ставот дека ќе ги блокирале сите закони за кои е потребен Бадентер, а според нив не се во корист на Албанците, како што е случајот со законот за правна затапеност, но и за високо образование. Бараат нивно повлекување бидејќи сметаат дека биле штетни за Албанците.
Матеја Петровски
