Глобалните кризи и растот на цените ја нагласуваат потребата од поголемо вклучување на младите во производството на храна. Сепак, интересот е мал, бидејќи на земјоделството и понатаму се гледа како тешка и неизвесна работа. На овој сектор му е потребна нова енергија и поголема мотивација за младите, кои се сметаат за идни носители на аграрот.
„Мораме појасно и погласно да дискутираме на оваа тема, бидејќи се работи за производство, доста динамична област која бара поддршка од младите. Тоа е од една страна, а од друга страна се проблемите со кои се соочуваме ние, како на пример војната на Блискиот Исток. Сето тоа се рефлектира и кај нас, во однос на цената“, изјави проф. Емилија Арсов, декан на Земјоделски факултет – УГД.
Од ресорното министерство посочуваат дека младите имаат приоритет при кофинансирање и распределба на земјоделско земјиште, а во фокус е и зголемување на рентабилноста во секторот.

„Ние им помагаме како Влада и како министерство да имаат приоритет при секое кофинансирање и распределба на земјоделско земјиште, да имаат предност за овие услови кои ги даваме. Вториот сегмент, на кој што изминатите две години сериозно се работеше, е во делот на рентабилноста во земјоделскиот сектор. Сметам дека тоа е клучот да се мотивираат младите луѓе да влезат во овој процес, бидејќи на тој начин ќе сфатат дека земјоделството не е некаква социјална гранка, туку напротив една благородна гранка која произведува храна за дома и за извоз надвор од границите“, изјави Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.
Недостигот на млад кадар се чувствува и во прехранбената индустрија, каде компаниите сè потешко доаѓаат до квалификувани работници.
„Од страна на државата очекуваме поддршка првенствено за создавање на добар кадар, која ќе носи поголема продуктивност на компаниите, со тоа што ќе им помогне да бидат успешни и за извоз и за домашниот пазар“, изјави Бобан Кочовски, претставник од фабрика за кондиторски производи.
Без поголема вклученост на младите, земјоделството и прехранбената индустрија ќе се соочат со сериозен недостиг на работна сила во иднина. Посебно загрижувачки е фактот што просечната возраст на македонскиот земјоделец е околу 55 години.
