Блескав гламур, ѕвезден сјај и филмска магија – деведесет и осмото издание на најпрестижните филмски награди. Театарот Долби во Холивуд, по традиција, беше местото каде се доделија „Оскарите“.
Најголемиот триумф го однесе политичко-акциониот трилер „Една битка по друга“, со освоени шест статуетки, вклучувајќи ја и онаа за најдобар филм. Пол Томас Андерсон доби награди за режија и адаптирано сценарио.
„Го напишав овој филм за моите деца – како извинување за ‘нередот во домаќинството’ што го направивме од овој свет. Но и како порака на надеж дека токму нивната генерација ќе донесе повеќе здрав разум и пристојност“, изјави Пол Томас Андерсон.

Најмногу номинации имаше филмот „Грешници“, вкупно 16, а доби четири „Оскари“ – за најдобрата главна машка улога за Мајкл Б. Џордан, како и за оригинално сценарио, оригинална филмска музика и за кинематографија.
„Да се биде во друштво на такви великани, мои идоли и луѓе кои ми го разодеа патот… Ви благодарам на сите во оваа сала и на сите дома кои ме поддржуваа во текот на целата моја кариера“, изјави Мајкл Б. Џордан.
Џеси Бакли беше наградена со Оскар за најдобра главна женска улога за филмот „Хамнет“.
„Сите ние потекнуваме од семејство на жени кои продолжуваат да создаваат и покрај сите пречки. Ви благодарам што ме препознавте во оваа улога, ова е најголема чест“, изјави Џеси Бакли.
Во категоријата за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје триумфираше норвешката кинематографија со емотивната драма „Сентиментална вредност“.
Визуелната и техничката магија на филмот „Франкештајн“ беше наградена со Оскари за шминка, фризура и костимографија, додека спектакуларниот филм „Ф1“ ја освои статуетката за најдобри звучни ефекти. За најдобри визуелни ефекти триумфираше импресивниот „Аватар: Оган и пепел“.
Музичкиот момент на вечерта му припадна на анимираниот филм „К-поп ловци на демони“, чија песна „Голден“ беше прогласена за најдобра оригинална филмска песна.
Во документарните категории, Оскарот за најдобар долгометражен документарен филм го освои „Господин Никој против Путин“, додека за најдобар краток документарец беше награден филмот „Сите празни соби“.
Овогодишната церемонија во Лос Анџелес се истакна и по својот изразен политички тон, кој ги рефлектираше актуелните глобални тензии. Водителот Конан О’Брајан уште во воведниот монолог се пошегува со растечката улога на вештачката интелигенција, нарекувајќи се себеси „последниот човечки водител“.
Политичките пораки се почувствуваа и во повеќе говори. Актерот Хавиер Бардем упати апел за слободна Палестина, режисерот Јоаким Триер ги критикуваше светските лидери за неодговорност кон идните генерации, а Глорија Казарес, протагонистка на документарецот „Сите празни соби“, одржа силен говор против насилството со оружје во Соединетите Држави.
Мишко Ливрински
