Дури 58 мина обвинети, десетици сведоци, илјадници документи, 4-те судски процеси за големата трагедија во кочанското кабаре „Пулс“, кои започнаа пред 4 месеци се даклеку од завршница.
Процесите треба да утврдат кој е одговорен за тоа што пред една година, за време на настапот на групата „ДНК“, активирањето на пиротехнички средства во клубот го запалиле таванот. Тогаш животот го загубија 63 луѓе, а над 200 беа повредени, што ја прави најтешката пожарна несреќа во историјата на Македонија.
Но, според истражните институции, не само употребата на пиротехниката туку злодело било и самото постоење на овој објект. „Пулс“ бил смртоносна стапица, буре барут со години, но газдата и институциите тоа никогаш не сакале да го видат. Со овие зборови на обвинителот Борче Јанев на 19 ноември лани ја почна судската расправа.

- „Ако овој објект ги исполнуваше стандардите, ако вратите беа доволни и проодни, ако плафонот и ѕидовите не беа обложени со отров што убива побрзо од пламен, ако имаше функционална вентилација, ако постоеше противпожарен систем, ако имаше навремена контрола, надзор и санкција, — пожарот сам за себе ќе се запаметеше како опасен инцидент, но не и како масовна гробница. Затоа денес бараме одговорност по име и презиме, бараме правда, правда, но не заради утеха и одмазда, правда како последица на незаконитост..“ рече Јанев.
Ниту еден од обвинетите не призна вина. Сопственикот Дејан Јованов Деко, брат му и син му, управители, инспектори, тројцата поранешни градоначалници на Кочани, обезбедувањето од кобната вечер и екс министри за економија и државни службеници – сите се товарат за „тешки дела против општата сигурност“.
Првообвинетиот за трагедијата во дискотеката „Пулс“ го уверуваше судот дека доколку знаел би презел сѐ, за да обезбеди сигурни услови за одржување на концертот на групата ДНК.
- „Зарем сериозно мислите дека доколку би знаел дека фали нешто, не би презел нешто за да се отвори навреме. Во тој клуб има пораснато 10 тина генерации. Сите знаат дека се грижам за сите гости на клубот. Од срце и од душа сакам да изразам сочувство на сите фамилии што изгубија некого, а на повредените брзо опоравување, затоа што и ние во нашата фамилија имаме починато член и повреден член и ја носиме истата болка како и вие што ја носите“ рече Јованов.
Досега се сослушаа сведоци – преживеани, вработени во клубот и државните институции, членови на Агенцијата за обезбедување..Пожарот се проширил многу брзо, по што настанала паника и стампедо кон излезот, вработените биле ангажирани без да потпишат било какви договори, се дел од нивните искази.
Судењето за пожарот во „Пулс“ се смета за еден од најобемните и најчувствителни судски процеси во Македонија, кое треба да утврди индивидуална и институционална одговорност за трагедијата, која според обвинителството не е резултат на еден пропуст, туку на системска негрижа и долгогодишни прекршувања на безбедносните правила.
Родителите ги следат сите рочишта во судницата во Идризово каде се одвива судскиот процес поради големиот бројот на обвинети и бранителите кои ги застапуваат. Има и големо полициско обезбедување.
- „ Никој не растел дете за да стане херој туку човек, нашите деца ја платија цената на коруптивниот систем ја плаќаме цената со изгубените животи на децата.Насилно им ја прекинаа младоста и иднината бараме правда, обвинети со имиња и презимиња. Кој му помогна на монструмот во убиството, многу се неможам сите да ги набројам“ рече ЈУЛИЈАНА ЗЛАТКОВА, мајка на загинатиот Томас Златков 04.12.2025
Ќе дојдеме до вистината и правдата рече пред нив судијката Диана Груевска Илиевска на самиот почеток и дека судот ќе направи сѐ за нормално да тече процесот без непотребни одлагања. Се оддржуваат по две рочишта неделно, но кога би завршил судскиот процес не може да се предвиди со оглед на големиот број обвинети. 23-јца полициски службеници одговараат во одделни три предмети.
