Реклама
Економија

Градежниот бум го турка БДП, Македонија четврта во Европа по економскиот раст

Градежништвото – главен мотор на економијата. Овој сектор со раст од 14,6%…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Градежништвото – главен мотор на економијата. Овој сектор со раст од 14,6% е најголемата причина за зголемувањето на БДП од 3,8% во последните три месеци од 2025-та година. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски вели дека тоа е резултат пред се на изградбата на автопатите, железницата, регионалните и локалните патишта, како и голем број комунални проекти. Според него, статистиката и официјално ја потврдила заложбата и посветеноста во поголема реализација на капиталните проекти. Тој најавува и нови вложувања во делот на инфраструктурата.

Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал од бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат).Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, каде градежништвото повторно има двоцифрена стапка на раст. Во четвртиот квартал БДП порасна за 3,8 % што е најдобар показател за успешните политики што ги спроведуваме – вели Николоски.

Македонската економија лани порасна за три пол проценти, а во последниот квартал 3,8%. Тоа ја позиционира земјава на 4-то место во Европа според висината на економскиот раст, веднаш зад Кипар, Малта и Полска. Освен во градежништвото, големо зголемување има и кај научните и стручни дејности за 8% , кај трговијата за 4,4%, а кај преработувачката индустрија за 3,6%. Засега проекциите за раст согласно буџетот за годинава не се менуваат – уверува министерот за економија Бесар Дурмиши. Тој вели дека и покрај тоа што неизвесноста на глобално ниво може да удри врз инфлацијата и развојот на економијата, Владата будно ја следи состојбата и не ги менува очекувањата.

Реклама

И од Народната банка велат дека се подготвени за евентуално негативно сценарио поврзано со инфлацијата и растот. Вицегувернерката Ана Митреска вели дека централната банка има инструменти и механизами за стабилизација на цените доколку за тоа има потреба.

Засега цените на гасот и нафтата продолжуваат да растат веќе петти ден. Цената на гасот го достигна тригодишниот максимум во Европа од 61 евро за мегават-час, поради прекинот на производството во Катар. Нафтата од типот брент, пак, на берзите достигна цена од 84 долари за барел. Инвеститорите исто така продолжуваат масовно да продаваат државни обврзници поради страв од нов бран инфлација. Први на удар се обврзниците на САД, Британија и западноевропските држави.