Засега нема опасност од поголемо поскапување на горивата и скок на инфлацијата. Владата будно ја следи состојбата и ако има потреба ќе реагира – ова е ставот на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска по ескалацијата на воените тензии на Блискиот Исток. Таа вели дека сите се надеваат дека ова ќе трае кратко. Сепак, ако конфликтот се продлабочи и се покачат драстично цените на нафтата и гасот и се нарушат рутите за достава, соодветно ќе се постапи и ќе има мерки за ублажување на инфлацијата.
„Треба да почекаме и да видиме, не би сакала однапред да зборувам. Ако ваквата ситуација продолжи, тогаш со ребалансот ќе ги менуваме проекциите. Секако на Владата ќе и стојат и други мерки на располагање, но ќе видиме. Владата е таа што треба да одлучи, премногу е рано особено за ситуација која очекуваме да заврши во пократок период, да прогнозираме дека нешто страшно ќе се случи. Ги следиме состојбите, да оставиме, да видме како ќе се развиваат работите“ – објасни Димитриеска-Кочоска.
Ако воените тензии на Блискиот Исток се пролоингираат на неодредено време, Владата има опции и за прогласување на кризна состојба и активирање на нафтените резерви. Од Министерството за енергетика смируваат, нафтените резерви во Македонија се стабилни и редовно се одржуваат Доколку се појави евентуален недостиг или прекин што би можел да го загрози снабдувањето, Владата ќе реагира навремено и соодветно и ќе ги активира.

„ Доколку се појави евентуален проблем со увозот од какви било причини – затворање на граници, прекини, штрајкови или блокади – државата има обезбедено и дополнителен сигурносен механизам. Во функција е продуктоводот Солун–Скопје, кој преку поврзувањето со Солун обезбедува алтернативен и непречен доток на сите видови на нафта и нафтени деривати, што значително ја зголемува стабилноста на системот и ја намалува зависноста од други транспортни правци. Истовремено, Агенцијата континуирано ја следи и дневната потрошувачка на нафтени деривати, со цел државните резерви да се одржуваат согласно законски пропишаното ниво и реалните потреби на пазарот“ – соопштуваат од Министерството за енергетика.
Економските аналитичари се оптимисти дека до поголем удар врз македонската економија нема да дојде. Велат дека е клучно времетраењето на конфликтот. Очекуваат бензините да поскапат, но не драстично. Некои суровини ќе имаат повисоки цени, ако се отеѓне нивниот транспорт со Македонија. Тие сметаат дека прекинот во снабдувањето со гас може да удри врз странските инвеститори во технолошко-индустриските зони кои можат да станат неконкурентни и да ги поскапат производите. Бараат бизнисите да не ја злоупотребат оваа ситуација за да ги покачат цените на производите и услугите , дури и во случај кога нема економска логика за таков потег.
„Очекувам нашите компании да го злоупотребат овој моментум на Блискиот Исток и очекувам цените на сите продукти и на се што се произведува и се дава како услуга да поскапи, злоупотребувајќи ги цените на реагенсите, суровините или одредени материјали се поскапени поради состојбата таму. Ќе се искористи ова за да пораснат цените на недвижностите, кога немаат никаква бизнис логика“ – вели Синиша Пекевски – аналитичар.
Нафтата на светските берзи продолжува да расте. Типот брент сега се продава и до 84 долари за барел. Вчера Рке ги поскапи безнините 95 и 98 за еден денар. Нема промени во цената на дизелот. Расте и цената на гасот, откако Катар го прекина производството на течен природен гас. Производството на LNG во Катар сочинува околу 20 проценти од глобалната понуда.
