Реклама
Македонија

Гаши: Добро е да има меѓупартиски договор за техничката влада, аргументите да бидат над партиските интереси

Политичката сцена повторно се загрева –на маса се две клучни одлуки што…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Политичката сцена повторно се загрева –на маса се две клучни одлуки што директно ја менуваат изборната игра: дали техничката влада ќе замине во историја и какви правила ќе важат за следните избори. Додека партиите ги мерат аргументите и роковите, во Собранието веќе се отвораат процеси што треба да донесат конечен правец.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, порачува дека за укинувањето на техничката влада е потребен заеднички меѓупартиски договор, иако законот формално не го забранува носењето одлука и без согласност од опозицијата.

Можам да кажам дека сè уште нема никаков предлог од Владата во однос на оваа тема. Се согласувам дека за закони што се од поголема важност, особено за Законот за работата на Владата, мислам дека треба да се договраме повеќе пред да ги донесеме пратениците пред свршен чин. Но мислам дека лидерската средба беше токму во таа функција. Мислам дека разговорите течат. И не верувам дека Владата, без да има некој начелен договор помеѓу партиите, ќе предложи нешто толку големо и круцијално, но сепак зависи од нив – рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.

Реклама

Во исто време, министерот за администрација Горан Минчев за медиумите најавува дека нацрт-измените на Законот за Владата се очекуваат наскоро да им бидат доставени на координаторите на пратеничките групи. Предлогот, според најавите, предвидува техничката влада да остане уште за следните парламентарни избори, но не и за оние по нив, како и прецизирање на позициите на дополнителните заменик-министри од опозицијата.

Од СДСМ велат дека државата, според нив, сѐ уште не е зрела за укинување на техничката влада и најавуваат користење на сите демократски механизми, повикувајќи се на потребата од реформи во правосудството и медиумската сфера. ДУИ пак смета дека евентуалното укинување треба да биде проследено со консултации со меѓународните партнери. Левица начелно ја поддржува идејата, но ја условува со воведување една изборна единица, додека Вреди даде поддршка на лидерските разговори.

Паралелно со дебатата за техничката влада, во Собранието се формира и работната група за Изборниот законик. Претседателот на Собранието Африм Гаши информира дека политичките партии веќе ги доставиле имињата на своите претставници до Министерството за правда и се чека министерот Игор Филков да ја закаже конститутивната седница.

Очекувањата, според Гаши, се процесот да биде инклузивен и да ги вклучи сите релевантни чинители.

Доколку пратениците утврдат дека се менува повеќе од една третина од законот, ќе се пристапи кон изработка на нови изборни правила; во спротивно ќе следуваат само измени. На последната лидерска средба беше договорено изборниот законик да биде готов до јуни и тој е дел од реформската агенда на државата.