Новата година, со нова власт во градот Скопје. Да се надминат сите пропусти, да се решат најголем дел од проблемите си посакаа скопјани пред камерата на Алфа. Си посакаа почист воздух, помалку сообраќаен метеж и подобри услови за живот. Се надеваат на главен град со повеќе ред, грижа за јавниот простор и подобра иднина за младите.
„На Скопје му посакувам најпрво да биде почист град, второ градскиот сообраќај да се среди, трето да се обезбеди подобра перспектива за помладите. Култура малку за отпадот. Сакам да се зачисти и да изгледа на вистински европски град…“– велат граѓаните.
Убавиот живот во Скопје си го поврзуваат и со желбите за подобро здравје, за себе и за најблиските. Повеќе пари посакаа за следната година, но пред се мир и благосостојба.

„За дечињата играчки, да се накити елката со сијалички. Да имаме здравје, среќа и да има мир…“– посакаа граѓаните.
Новиот градоначалник во својата изборна програма вети дека скопјани ќе живеат без сообраќаен хаос и ќе уживаат во уредени места за рекреација. Според него најреален проект од целата програма е подземниот булевар и кружните текови кај Лимак. Орце Ѓорѓиевски планира и воведување на електрични автобуси. Дел од визијата се и нови велосипедски и пешачки линии кои ќе овозможат побезбедно и поудобно движење низ Скопје. Градоначалникот најави ригорозни инспекции, но и санкции за згадувачите во главниот град.
