Реклама
Македонија

Коцевски пред разрешување: Усогласени пораки од Мицкоски, Силјановска и Фетаи

Собранието е пред една од најважните одлуки за правосудниот систем во Македонија.Топката…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Собранието е пред една од најважните одлуки за правосудниот систем во Македонија.Топката за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски е во рацете на пратениците. Премиерот Христијан Мицкоски јасно стави до знаење дека Владата ниту размислувала, ниту воопшто отворила прашање за тоа кој би го наследил Коцевски.Тој повика дека вратите ќе бидат отворени за сите – секој што законски ги исполнува условите ќе може да се пријави за позицијата нов државен јавен обвинител.

Тоа ќе биде јавен повик, секој оној што ќе ги исполнува условите, согласно закон и согласно повикот може да се пријави така што пратениците се тие што одлучуваат кој е најдоброто решение на крајот од денот” – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

И претседателката Силјановска Давкова го поддржува разрешувањето на Коцевски, според неа државниот обвинител треба да биде отпорен на партиски и на политички влијанија.

Реклама

Каков профил на јавен обвинител сакам, сакам бекомпромисен борец за почитување на законите, бидејќи јавните обвинители се надлежни за гонење на сторителите на кривични дела, а колку се важни ќе ви кажам, во некои земји како во Британија јавниот обвинител, по функција е член на Владата во поширока смисла, некој кој ќе биде заколнат борец за владеење на правото, некој кој ќе биде отпорен на партиски и на политички влијанија, некој кој што ќе биде круна на целиот обвинителски систем, бидејќи ако нема промени во обвинителскиот систем нема да има ниту успешни судски реформи – вели претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова.

Вицепремиерот Арбен Фетаи предупредува дека без темелна реформа во судството нема вистинска борба против високата корупција. Затоа Владата ја иницира постапката за смена на јавниот обвинител.

“Да, на одржаната владина седница, ние донесовме одлука за започнување на постапката за разрешување на јавниот обвинител заради добро познати причини. Значи има добро образложение што е испратено како предлог до Собранието. Сега топката е кај Собранието и се надевам дека во одредените законски рокови, Собранието ќе постапи за негово разрешување” –изјави вицепремиерот Арбен Фетаи.

Инаку, Владата вчера донесе одлука да ја продолжи процедурата за разрешување на Коцевски која беше стопирана по трагедијата во Кочани. Во образложението велат дека сторил професионални грешки со кои се нарушила ефикасноста на обвинителството. Коцевски, пак, пред да биде објавен предлогот за негово разрешување, рече дека тоа е политичка одлука.

Коцевски со Државното јавно обвинителство раководи од февруари лани. Беше избран со 62 гласа од претходно парламентарно мнозинство.