Се празнат челните столчиња во судскиот систем. Освен заминувањето на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска од Уставен и скопското обвинителство ќе остане без шеф. Му истекува мандатот на Гаврил Бубевски. При крај на мандатите се и двајца членови во Судски совет. И за Кривичниот суд, Управниот и Вишиот управен суд во тек е оглас за избор на претседател од редот на судиите.
Првит човек на Судскиот совет, Александар Камбовски се надева дека до крајот на годината ќе има предлог за нов член на Уставниот суд од редот на судиите.
Во однос на избор за нови членови на Судскиот совет, претседателот Камбовски ги очекува и предлозите на шефицата на државата Гордана Сиљановска Давкова, но и новиот Закон за Судски совет.

Законот за Судски совет го очекуваме. Знаете дека тој е реформски закон. Помина на Венецијанската комисија. Јас ја разбирам потполно Претседателката, зашто го чека новиот закон, бидејќи начинот на и критериумите и објаснувањето, што е истакнат правник во овој нов закон, што допрва треба да се донесе, се навистина на едно европски, многу повисоко ниво подигнато од тоа што било претходно. И шансите да дојде член во Судскиот совет којшто не би можеле да го сврстиме како искусен правник, се сведени на минимум, изјави Камбовски.
Една од поплаките на судиите и обвинителите е дека немаат доволен буџет за вработување на нови кадри. Се жалат дека Македонија нема доволен број на судии и обвинители. Премиерот Христијан Мицкоски им предложи на двата совета, да изготват список за што им се потребни повеќе пари и да го достават, со цел да се рехабилитита крахираниот судски систем. Камбовски е согласен за предлогот на премиерот.
– Апсолутно, мислам се согласувам со премиерот. Ние треба да имаме буџет, па да знаеме што сакаме, да може централниот буџет да ги одвои тие средствата што ни се потребни. И од неговите изјави јас подразбирам дека и тој е согласен на тој начин да продолжиме понатаму, изјави Камбовски, одговарајќи на новинарски прашања пред денешната 532. седница на Судскиот совет.
И Обвинителскиот совет објави оглас и бара замена за шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски. Согласно закон, тој може да биде реизбран доколку се пријави на огласот. Бубевски на почетокот на својата кариера беше дел од тимот на Катица Јанева, а пред четири години беше изран за главен обвинител на Скопје. Нема само Скопје да добие нов главен обвинител. Во догледно време се очекува да биде разрешен и Љупчо Коцевски.
