Реклама
Прилози

„Црн петок“ –  добра зделка или стапица за купувачите?

„Огромни попусти“ , „Намалувања од 20, 30, 40%“ или пак „Се на…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

„Огромни попусти“ , „Намалувања од 20, 30, 40%“ или пак „Се на половина цена“ веќе можат да се забележат на излозите од продавниците низ шопинг моловите. Започнаа промоциите за „Црн петок“ во Македонија, традиција кој треба да ги израдува потрошувачите со производи кои имаат драматично намалени цени. Од организацијата за потрошувачи сепак алармираат дека попустите можеби не секаде се реални, трговците се користат со разни трикови, и ги предупредуваат потрошувачите да купуваат рационално.

„Граѓаните се жалат дека цените не се баш реални, односно дека има одредени производи кои што ги прателе во текот на изминатиов период и кој што еве сакале да ги купат, па ги гледаат цените дека се идентични во истиот момент кога е кажано дека се намалени. Односно дека има прелепено една повисока цена па повторно доаѓаме до ниска цена. Ако било претходно 2000, сега е качено на 3000 денари па повторно спуштена цена до 2000 денари. Можеби некаде и навистина има попусти на одредени артикли, меѓутоа најчесто тие се во мал број и во одредени продавници и најчесто се тоа артикли кој што се од изминати колекции.“– вели Татијана Тасевска од Организацијата за потрошувачи.

Според статистиките од минатата година, 48% од купувачите во текот на „Black Friday“  купувале нешто, најчесто гардероба, која воопшто не им била потребна. Маркетинг експертите советуваат- во овој период најважно е да се пазари паметно, можеби да се направи листа на потребни работи, и да не се подлегнува на добар маркетинг.

Реклама

„Не би рекла дека е некаков маркетинг трик, туку дека има многу добра дневна пракса која што може да се искористи баш тој ден доколку потрошувачите се умни… Овој ден е толку популарен заради тоа што луѓето пред се имаат чувство дека никој не прави будала од нив, бидејки работите кои што ги гледале по други цени, сега се во најмала рака на половина цена и ја имаат за себе перцепцијата дека направиле добра зделка.“– вели Ели Пешева, директорката за комуникации во „Њу момент“

Државниот пазарен инспекторат најави засилени вонредни инспекциски надзори со цел да се заштитат потрошувачите од разни измами.

„Апелираме до сите трговци да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски. Секоја неправилност, доведување во заблуда на потрошувачите и измамнички дејствија ќе резултира со соодветни мерки од страна на Државниот пазарен инспекторат во согласност со законите. Ги повикуваме граѓаните секоја нерегуларност да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат на 191 или на www.dpi.gov.mk.“– се вели во соопштението на Државниот пазарен инспекторат.

„Црн петок“ е трговска практика чии корени се стари повеќе од 70 години. Во светот , особено во САД, редовно се случува стампедо токму поради долгите редици пред продавниците уште пред отворањето. Чести се и тепачки , особено кога повеќе купувачи се фаќаат за ист производ, кој дента е поевтин, отколку во кој било друг ден од годината.