Реклама
Прилози

Аларм за институциите: Фемицидот кој се случи во Штип е четврти случај годинава

Ја затворил без нејзина волја, ја малтретирал, а потоа ја убил. Убиството…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Ја затворил без нејзина волја, ја малтретирал, а потоа ја убил. Убиството на 79-годишната Борјанка од Штип, што се случи минатата недела, е четвртиот регистриран случај на фемицид во Македонија. Организациите кои се борат против насилството врз жените предупредуваат дека линијата меѓу семејното насилство и фемицидот е речиси невидлива. Фемицидот е една од најтешките форми на физичко и родово-базирано насилство и речиси никогаш не доаѓа ненадејно — секогаш има јасни сигнали. Контролирање на жртвата, понижување, економска зависност се дел од најчестите предупредувачки знаци, а често трагедиите се последица и на институционални пропусти.

„Овој обид на убиство речиси никогаш не се случува ненадејно, туку има многу јасни сигнали, пријави, ризици кои може да се предвидат, а често се случуваат поради институционалните пропусти кои настануваат и му претходат на ваква најтешка форма на родово-базирано насилство“, изјави Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

Во февруари 2023, со измените во Кривичниот законик, фемицидот за првпат беше препознаен како посебно квалификуван облик на убиство на жена во контекст на родово-базирано насилство. Со тоа се воведоа повисоки казни и јасна правна дефиниција. Но експертите предупредуваат дека законската одредба мора доследно да се применува и понатаму да се доуреди.

Реклама

„Началниот старт е дека законот ни е добар, но имплементацијата, примената и усогласеноста треба да бидат позасилени“, изјави Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

Само околу 2% од случаите на семејно насилство се пријавуваат. Повеќето од жртвите одлучуваат да молчат, а дури и кога ќе пријават, подоцна ги стопираат постапките. Најчеста причина за тоа се стравот, срамот, но и недовербата во институциите.

Според податоците на Националната мрежа за заштита на жените од семејно насилство, во изминатите три години во земјата се регистрирани 12 случаи на фемицид. Најцрна е 2023, кога биле регистрирани шест убиства на жени поради родово-базирано насилство.