Реклама
Прилози

„Пулс“ влезе во судница: За обвинителството дискотеката отсекогаш била буре барут

Кога превенцијата затајува, државата нема друг начин освен да гони, санкционира и…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Кога превенцијата затајува, државата нема друг начин освен да гони, санкционира и казнува. Доказите ќе покажат дека не може дејствитето да биде само употребата на пиротехниката, злодело е и самото постоење на овој објект. Пулс бил смртоносна стапица, буре барут со години, но газдата и институциите тоа никогаш не сакале да го видат – со воведниот збор на кочанскиот обвинител Борче Јанев почна судскиот процес за пожарот во „Пулс“. Јавноста, рече Јанев, ќе остане шокирана на што се бил подготвен сопственикот Деко само заради профит.

  • Димензијата на преземени дејствија и обемот на пропусти кај овој човек се шокантни и запрепастувачки. Ќе можете да видите и чуете што се бил спремен овој човек само заради профит и материјална надомест. Бидете убедени дека ќе ве потсетат на негативни ликови, антипод на сите човекови вредности“, рече во воведниот збор кочанскиот обвинител Борче Јанев. 

Пиротехниката која го предизвика пожарот од кој за три минити изгоре цел плафон ја договориле газдата Деко и Панчо, ја активирал битбоксерот Мартин, рече обвинителот Јанев. Не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал кофа со вода но не ја истурил, рече обвинителот. Акцентот во воведниот збор, Јанев, го стави на континуитетот на непреземени дејствија од надлежните институции и одговрните лица поради што дошло до трагедијата.

  • Ако овој објект ги исполнуваше стандардите, ако вратите беа доволни и проодни, ако плафонот и ѕидовите не беа обложени со отров што убива побрзо од пламен, ако имаше функционална вентилација, ако постоеше противпожарен систем, ако имаше навремена контрола, надзор и санкција, — пожарот сам за себе ќе се запаметеше како опасен инцидент, но не и како масовна гробница. Затоа денес бараме одговорност по име и презиме, бараме правда, правда, но не заради утеха и одмазда, правда како последица на незаконитост..“ рече Јанев.

Воведниот збор доби аплауз од семејствата и роднините на жртвите,  кои не можеа да ги задржат солзите пред емотивниот говор на кочанскиот обвинител. Тие реагираа и на барањето на бранителите да се одложи рочиштето поради спојувањето на обвинението за двата предмети и промената на листата на докази и сведоци.

Реклама

Ќе дојдеме до вистината и правдата рече судијката Диана Груевска Илиевска на самиот почеток. Им се обрати на семејствата, дека судот ќе направи сѐ  за нормално да тече судењето без непотребни одлагања.

  • „Ќе имаме респект кон тагата и болката на роднините на жртвите, но сите ќе имаат право да си ја кажат својата верзија на случајот и да предложат докази. Ќе бидеме транспарентни. Никој не може да знае колку време ќе трае предметот, дали пет месеци или пет години. Не можам да ветам брзина може да се направи грешка. Колку ќе трае судењето никој не знае, апелирам на трпение и дисциплина. Ќе дојдеме до правдата“ нагласи Груевска Илиевска.

Судењето продолжува во вторник кога воведниот збор треба да го каже одбраната. Судот им остави простор на адвокатите за дополнение на доказна постапка доколку сметаат дека некое право им е ускратено со промената на доказите на обвинителството.

Судницата во Идризово беше премала да ги собере сите – обвинетите, бранителите, родителите, семејствата, домашни и странски новинарски екипи. Под силно полициско обезбедување беше контролирано секое излегување и влегување во судницата..