130 килограми марихуана запленети од страна на царинските службеници на граничниот премин Табановце. Од Царинската управа посочуваат дека станува збор за државјанин на Република Србија, сопственик и возач на компанија регистрирана во Љубљана, Словенија, кој управувал со товарното моторно возило каде е откриена дрогата.
„При прегледот, службениците забележале дека палетите се специјално прекроени и не се во стандардна форма, а зад нив имало повеќе торби. На прашање за содржината на стоката во торбите, возачот изјавил дека пренесува цигари и се обидел да понуди мито што било веднаш одбиено и е продолжено со детална контрола при што во торбите се пронајдени 131 пакување со 130 килограми марихуана“- изјави Бобан Николовски, директорот на Царинската управа.
Против сторителот, поднесена е кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово. Како што вели Николовски, ова е уште еден доказ за ефикасното и ефективното работење на царинската управа во Македонија.

„Продолжуваме со засилени контроли кои даваат резултати како во оперативното работење така и во прибирањето на приходи во буџетот на Република Македонија. Дрогата претставува една од најсериозните закани за општеството, со далекусежни последици по здравјето, безбедноста и економската стабилност на државата при што Царинската управа останува посветена на спроведување на континуирани мерки и активности за спречување на недозволената трговија со наркотични средства и зајакнување на системот на контрола и превенција“.- изјави Николовски.
Дополнително МВР активно работи во рамки на конкретни активности против недозволената трговија со наркотични средства. Во последниве неколку месеци се вршат лични прегледи и редовна контрола на возила, како и претреси во кои покрај марихуана биле пронајдени кокаин, стебла од канабис сатива, семки од канабис, дробилки и дигитални ваги. На граничниот премин Табановце, во два одвоени случаи при влез во земјата, биле откриени марихуана, семки од канабис, како и бела прашкаста и кафена грутчеста материја кај странски државјани, еден белгиски и еден германски државјанин.
