Предлог – притвор за шест лица, за петанестина мерки за претпазливост, и за шест до седум правни лица од Прилеп, Битола и Скопје -предлог за изрекување забрана за учество во постапки за јавни набавки. Вчерашната робусна акција на Финансиската полиција во прилепската болница, денеска околу пладне пред Обвинител седна поголема група осомничени лица кои се товарат за учество во финансиски малверзации и сторен криминал за околу 800.000 евра. Помеѓу нив се и екс-директорката и екс-финансискиот директор од пред две години, но и неколку други лица вработени во болницата, а кои се сомничат дека на некој начин биле вклучени во малверзациите, како и бројна група раководители и управители на фирми, со кои болницата склучувала сомнителни „деловни“ договори за јавни набаки.
Управата за финансиска полиција уште вчера постапи по наредба и насоки на ОЈО и поведе постапка за наводи против повеќе лица за злоупотреба во работењето на прилепската болница, а за што ОЈО веќе имаше поведено обемна предистражна постапка уште од април годинава за кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Тогаш беше извршен и претрес на осум локации во градот.
И актуелниот директорот на Болницата, Кире Јоноски, ни потврди дека Финасиската полиција го „чешлала“ работењето на претходното раководство и дека е приведена поголема група, но изјави не сакаше да дава.

„Сега ќе се обратите до Полицијата и до Обвинителството. Јас веќе имав прес-конференции за тоа и веднаш уредно пријавив кај надлежните, и сега се’ е во рацете на Обвинителството и на Финансиската полиција“, – кратко ни одговори Јоноски.
Поведувањето на оваа постапка наиде на големо одобрување и кај поголемиот дел граѓани, но и кај некои вработени кои се охрабрија и јавно да пишуваат за тоа со кои проблеми се соочувале во критичниот период.
„На колку вработени луѓе им направивте неправди, само еден Господ знае…Мило ми е што конечно нешто добро се прави. Доста ви беше. Со задоволство ќе читам што ќе ви се случува понатаму“, – напиша на социјалните мрежи вработена во болницата.
За детектираните неправилности во болницата, сегашниот директор, уште лани, веднаш по преземањето на функцијата обелодени дека мегаломански се трошело на скапи телефони-ајфони, на електрични тротинети, на роденденски забави во игротеки, на одржување облека, на репрезентации по познати прилепски ресторани, а впишувани на контото од болничката кујна, се фактурирале високи фиктивни фактури на една иста фирма за: поправка на ѕидови, косење трева, чистење клими, дезинфекција, па се’ до трошоци за едукација на медицински сестри, a со кои едукации ниту една сестра од болницата не е запозната. Имало и фиктивни транспорти на име службени патувања, па плаќања за семинари во странство, а последователно се пишувале и прекувремени саати – селективно, на повеќе исти лица за што се одлевале огромни суми пари кои биле корегирани за да не бидат видливи во пресметките на платата. Вкупната штета, тогаш беше процената на околу 3 милиони евра.
