„Ова беше историски ден за светот“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп на летот за Вашингтон од Израел и Египет, откако по повеќе од две години војна во Газа и заробеништво на израелски заложници, беше потпишан мировен договор.
Сите преживеани заложници беа ослободени и вратени во Израел, додека во исто време започна размена на палестински затвореници — вкупно две илјади лица, кои по години поминати во израелските затвори беа префрлени на Западниот Брег и во Појасот Газа.
Земјите посредници во преговорите за завршување на војната во Газа — Египет, Катар и Турција — потпишаа документ со Трамп за завршување на конфликтот.

Трамп изјави дека верува дека е постигнато нешто што не се случило со илјадници години:
„Ова е историско. Луѓето зборуваат за Блискиот Исток како за нешто што никогаш не може да се реши. Сите велеа дека нема да функционира, а сега функционира,“ рече Трамп.
На прашањето за планот за Газа, тој додаде дека не зборува за една или две држави, туку за обнова на Газа.
