Авганистанските власти објавија дека убиле 58 пакистански војници во синоќешните операции по должината на границата меѓу двете земји. Ситуацијата ескалира на границата меѓу Авганистан и Пакистан, долга 2.600 километри. Земјите со години имаат спор околу линијата Дуранд – планински појас кој ги раздвојува.
Авганистанските талибанци синоќа започнале неочекувана офанзива на граничниот појас со Пакистан, тврдејќи дека ја презеле контролата врз два армиски пункта во провинцијата Хелманд. Пакистанските власти возвратиле со артилериски и тенковски оган, нарекувајќи го нападот „недозволива агресија“, јави „Гардијан“.
Ескалацијата доаѓа откако на 9 октомври, четврток, беа пријавени две експлозии во авганистанскиот главен град Кабул и уште една во југоисточен Авганистан.

Десетици камиони со хуманитарна помош денеска почнаа да влегуваат во Појасот Газа, откако во петокот стапи во сила договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Во меѓувреме, Хамас објави дека ќе започне со ослободување на израелските заложници во понеделник наутро, како што беше планирано – непосредно пред „Мировниот самит“ во Египет, на кој ќе се соберат лидери од околу дваесетина земји, предводени од американскиот претседател Доналд Трамп и египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.
Семејствата на 48-те заложници кои сè уште се во Газа синоќа се сретнаа со специјалниот пратеник на американскиот претседател, Доналд Трамп – Стив Виткоф, како и со неговата ќерка Иванка Трамп и зетот Џеред Кушнер. Тие им се заблагодарија „за нивната клучна улога во обезбедувањето на историскиот договор за враќање на нивните најблиски дома“, се наведува во соопштението на Форумот на семејствата на заложниците и исчезнатите лица.
