Шумите се соголуваат без ронка совест, дрвокрадците и пироманите пустошат. Надлежните речиси секојдневно ги ловат и ги пријавуваат, но казните кои ги добиваат се мали. Судството е последната алка која ќе мора да застане на браникот на татковината – предупредува заменик директорот на Национални шуми, Кирил Михаилов, во интервју за РСЕ, коментирајќи дека е залудно да се фатат и стотици пиромани и дрвокрадци, кога тие во судска постапка добиваат мали парични или условни казни. Додека надлежните се борат да ги фатат оние кои предизвикуваат пожари, имаат и друга работа – да го сузбијат дрвокрадството кое со години цветало – бидејќи годишно се карделе дрва во вредност и до 60 милиони евра. Се смета дека дел од вработените во претпријатието, но и претставници на шумска полиција, МВР, па дури и судството, биле вклучени во организираниот криминал. Од претпријатието бараат ангажман и од другите институции, особено судството, со цел конечно справување со системскиот криминал и воспоставување ред во управувањето со шумите.
Големи пари се вртеле и се уште се вртат во тој бизнис, огромен дел од луѓето во минатото биле вплеткани во тоа. Ние како ново раководство покажавме нула толеранција кон сите оние кои што на било кој начин сме нотирале дека имаат допирена точка со криминал. Тоа го покажува и фактот дека ние како ново раководство имаме десетици пријави кон наши вработени за кои што сме утврдиле дека имале каква било соработка со тие дрвокрадци. Значи имаме суспензии, имаме кривични пријави. Џабе е да ние фатиме и сто пиромани оваа година, ако судот го третира тоа како некој загрозување на општата сигурност и не е пироманство, значи, да оди по некои членови кои што се релативно поблаги со некои условни казни, на крајот од денот, тоа нема да придонесе да се менува свеста кај граѓаните, вели заменик-директорот на ЈП Национални шуми, Кирил Михаилов.
Претпријатието, и покрај превработеноста, сè уште има недостаток на стручен кадар – оние кои треба да работат на терен, со години работеле во администрација или воопшто не се појавувале на работа. За ова имаше предупредување и во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија. Сега, според Михаилов е поинаку – шумарите одат на терен, рамо до рамо со пожарникарите, кои се борат со огнените стихии.

Значи ние во моментов секако онаму каде што ќе биде побарано помош од нас, се појавуваме. Значи класичен шумски пожар е една работа, меѓутоа оние пожари коишто отпочнуваат и на површини коишто не се шуми, се мисли пред се на полски површини, пасишта, приватни шуми, па и одредени депонии, урбан пожар како што беше пожарот во Софилар во Струмица, таму и нашите вработени беа рамо до рамо со пожарникарите од територијалните противпожарни единици и оние коишто се од доброволните противпожарни друштва, вели Михаилов.
Според Михаилов, новото раководство на Национални шуми затекнало сериозна финансиска криза, но со поддршка од новата влада, била обезбедена финансиска инјекција од 240 милиони денари. Со овие средства делумно биле покриени заостанатите плати и придонеси кон вработените.
И покрај тоа што претпријатието немало пари, а должело околу 18 милиони евра, пред изборите биле примени голем број нови вработени, формално како шумари, но во реалноста, голем дел од нив биле затекнати како административен кадар, сместен по канцеларии. Во некои случаи, дури и шумарски инженери биле ангажирани на позиции несоодветни за нивната стручност.

