Изгорени објекти, пеплосани куќи, цивилни жртви, но и загинати пожарникари – апокалиптични сцени од пожарите во Грција, Албанија и Црна Гора. Македонија за сега е далеку од овие сцени, пред се поради брзите интервенции на Цивилната заштита и спасување, доброволците, полицијата, армијата и пожарникаруите. По се изгледа Македонија годинава се издвојува како пример за колку, толку успешна борба со шумските пожари. Експертите велат – тоа не е случајност. Од првиот аларм, сите расположливи сили се на терен, а покрај човечкиот потенцијал, поддршка во гаснењето доаѓа и од канадерите, хеликоптерите и армиските хермелини и пинцгауери кои беа пренаменети во противпожарни.
„Ситуацијата оваа година во организационен план е далеку подобра во однос на минатите години, бидејќи во гаснењето на пожарите се вклучени сериозни сили… Особено е за поздравување одлуката на Владата да пренамени армиски возила во противпожарни, кои значително помогнаа да се стигне до критичните точки“, изјави Зоран Кочоски, експерт за противпожарна заштита.
Во соседството, пак, сликата е драматично поинаква – Во Албанија и Црна Гора, огромни шумски површини се уништени, а материјалната штета се мери во илјадници евра. Во Грција, досега десетици домови се во пепел, стотици луѓе се евакуирани, а има и жртви. Според податоците од Националната опсерваторија во Атина и порталот „Метео“, изгорела површина од над 10.000 хектари. Албанија се соочува со една од најтешките сезони на пожари во последните години. Според Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS) годинава низ целата земја изгореле над 54 илјади хектари земјиште од 93 регистрирани пожари. Од масовните пожари што ја зафатија земјата во последните денови оштетени се 207 куќи, а 40 од нив се целосно изгорени. Кај нас, и покрај повеќе активни пожари, бројот на изгорени објекти е минимален и нема човечки жртви.
„Имаме многу позитивни практики оваа сезона – граѓаните се воздржуваат од палење огнови во шумски подрачја, што е клучно за превенција. Ако некој забележи чад или пламен, треба веднаш да реагира и да ги извести надлежните служби преку 112, за екипите на време да интервенираат”, изјави Зоран Кочоски, експерт за противпожарна заштита.
Свеста на граѓаните и координацијата на институциите се покажаа како двата најсилни адута. Благодарение на тоа, Македонија засега го избегна сценариото од соседството – докажувајќи дека кога има организација, стратегија и солидарност, дури и огнот може да се задржи под контрола.

