Пожарите ќе не остават без национални паркови. Откако минатите години изгореа големи делови од парковите на Пелистер и Галичица, годинава ризикуваме да остенеме без најпознатиот – Националниот парк Јасен. И покрај натчовечките напори на војниците, пожарникарите, дирекцијата за заштита, делувањето со хеликоптери и авиони, мешаната шума во Јасен се уште е во пламен. Битката со пламените јазици трае веќе неколку дена, а затворен останува регионалниот пат од Македонски брод кон Скопје. Најголем проблем за гаснењето се високите температури, сувото време и ветрот.
„Црн чад, висок пламен. Овде е поставена одбрана, нема да му дозволиме на огнот да дојде наваму, но теренот не дозволува да влеземе подоле, бидејќи се работи за стрмен терен и густа шума. И покрај тоа што овде имаме тимови специјалци од волците, од ренџерите и од МВР, сепак е невозможно да се влезе доле“, изјави Стојанче Ангелов – директор на ДЗС
Сериозена е и состојбата и со пожарот кај струшкото село Октиси каде во гаснењето е вклучен армиски хеликоптер. Од ЦУК велат дека досега се регистрирани 19 пожари, од кои осум се активни, а 11 изгаснати. Освен овие две места, пожари има и во Прилепско, Чешиново-Облешево, Јегуновце и Сопиште.
Покрај Македонија, гори и во регионот. Уште една тешка ноќ во Црна Гора. Потпретседателот на Владата, Филип Ивановиќ изјави дека авиони и хеликоптери од Хрватска, Србија и Унгарија испуштиле 316 тони вода во погодените подрачја, а во гаснењето помагале и хеликоптери од Босна и Херцеговина, како и возила и пожарникари од Австрија и Швајцарија.
„Ситуацијата беше апокалиптична, сè гореше. Противпожарната бригада пристигна на време. Највисока пофалба за нив, се бореа со пожарот загрозувајќи ги своите животи“, изјави Здравко Ивановиќ, жител на населбата Куча.
„Сите работеа дење и ноќе. Подобро е цела Црна Гора да се обедини за да се стави крај на овие пожари. Ужасно е“, изјави Иван Перуновиќ, волонтер од Никшиќ.
Пожари беснеат и во Грција, каде илјадници граѓани се евакуирани. Во гаснењето ангажирани се повеќе од 5.000 пожарникари, потпомогнати од 33 авиони и хеликоптери. Поради силните ветрови и топлото и суво време пожарите се разгоруваат на полуостровот Пелопонез, како и на островите Хиос и Закинтос. Во Патра огнот пеплоса десетици возила.
„Откако првите автомобили беа зафатени од оган, пламенот почна брзо да се шири нагоре, тогаш дојдоа пет противпожарни возила, но веќе беше доцна ништо не можеа ништо да направат“, рече Агелос Синос, локален жител.
Шпанија во битката со шумските пожари го активираше механизмот за помош на ЕУ и побараа два авиони Канадер, како и пожарникари од други земји. Две лица се веќе починати, а седум се хоспитализирани и се со делумно тешки изгореници. Четворица од нив се во критична состојба, вклучувајќи и 37 годишен маж кои се здобил со изгореници на 85 проценти од телото. Во огромниот шумски пожар на францускиот медитерански брег, во регионот меѓу Нарбон и Какасон животот го загубија две лица, а две се тешко повредени.

