Се прават детални анализи, за да има мерки кои навистина ќе ја намалат инфлацијата. Се разгледува секој производ и услуга, се работи за илјадници споредби и калкулации, за да се донесе соодветна одлука. Премиерот Мицкоски вели дека за разлика од порано, услугите сега се тие што ја билдаат инфлацијата, а не храната. Зголемената побарувачка си го направи своето – вели тој. Според него, ограничувањето на маржите на прехранбените производи, потег што се правеше во минатото дава само ограничени резултати, затоа што инфлацијата само се прелева во месеците што следат откако мерките ќе се укинат. Досегашните анализи покажале дека освен транспортот, ресторанските услуги поскапеле за 25%, а двоцифрен раст се забележува и кај овошјето. Мицкоски вели дека ја следи и монетарната политика што ја води Народната банка, но и тоа како другите држави се справуваат со инфлацијата.
„Зголемените плати и пензиите прават притисок врз побарувачката, имаме зголемена побарувачка и луѓето можат да ја платат цената за услугата, а тие што ја нудат, ги качуваат цените на услугите се додека консументите можат да платат. Ако ги исклучиме процесуираната храна и останатите производи од синџирот, ќе видиме дека најголемиот дел генератори на инфлацијата се услугите. Ресторанските услуги, на пример, се 24 – 25 отсто зголемени во однос на истиот месец лани, исто и транспортните. Кај овошјето има огромно зголемување, двоцифрено, кај јаболки, банани, лимони„ – објасни премиерот.
Засега Владата одлучи да воведе т.н. „Училишна кошничка“ за да ги намали цените на училишниот прибор и да им го олесни товарот на родителите пред стартот на школската година. Освен тоа, им се помага и на земјоделците за да се зголеми домашното производство на храна. Мицкоски вели дека фактите во овој сектор ги побиваат нападите на опозицијата. Само минатата недела биле исплатени 6 и пол милиони евра на 7 илјади земјоделци. Биле исплатени неисплатените субвенции, со што се зголемила реколтата. Рекордна откупна цена била постигната и кај раногардинарските култури, зелката, доматите, краставицата, лукот, кромидот и пиперките.

„Имавме и неисплатени субвенции од 2021 година, а сега се завршува со оние за 2024 и почнува реализацијата за 2025 година. Кај тутунот договорите кои беа на 375 денари за килограм и 80 денари субвенција, сега се зголемија на 400 денари и 100 денари субвенција со што се постигнаа рекордни 500 денари за килограм, а реколтата порасна од 18 милиони килограми на 23 зашто донесовме Закон во кој кажавме додека и последниот лист не биде откупен, нема да се увезува“ – вели Мицкоски.
Премиерот е задоволен од растот на извозот во првата половина од годинава. Вели за првпат по долго време трговскиот дефицит се намалува и извозот расте побрзо од увозот. Задоволен е што ова се случува во период на криза во автомобилската индустрија, бидејќи извозот на автомобилски делови е еден од главните двигатели на трговската размена со странство.
„По долго време, во првите шест месеци извозот расте повеќе во однос на увозот. Извозот беше 2,9% зголемен во првите шест месеци споредено со минатата година, а увозот 2,3 или 2,4% во истиот период. Првпат по долго време се случува да се намалува трговскиот дефицит со странство и тоа во услови кога автомобилската индустрија е во таква состојба каква што е, а нашата извозна компонента најмногу отпаѓа на автомобилската индустрија“ – рече Мицкоски.
Инаку во Македонија беше измерена инфлација од 4,8% во јули споредено со истиот месец лани. Инфлаторен бран ги зафати не само државите од регионот, туку и во Европа. Зголемувањето е главно поради поскапувањето на услугите, струјата, станарините. Соседна Србија веќе најави мерки какви што спроведе Македонија во неколку наврати со ограничување на маржите на прехранбените производи.
