Народната банка е задоволна што трите најголеми и една средна банка ги намалија надоместоците за услугите. Гувернерот Трајко Славески очекува и другите да го следат нивниот пример. Тој вели дека почнале бесплатно да ги нудат услугите на мобилното и електронско банкарство, ги намалиле провизиите за плаќање сметки за комуналии на шалтер, поевтино е и повлекувањето на готовина на шалтерите, плаќање уплатници и слично.
Гувернерот планира да покрене законски измени за да се промовира граѓаните, особено постарите и оние од помалите места, да отвараат трансакциски сметки со основни функации. Овие сметки им овозможуваат на луѓето со минимален трошок да користат широк сет на услуги и дозволено пречекорување, што не било случај досега. Во моментов граѓаните не можат да отворат ваква сметка ако имаат сметки во други банки. Оние од ранливите категории ќе ги добиваат овие услуги бесплатно.
По основ на провизии и надоместоци секој граѓанин годишно им плаќа и над 3.000 денари на банките. Кај некои банки поевтинувањата се до 70%, а некои провизии, целосно се укинуваат. Анализата на Алфа покажа драстични разлики во надоместоците што ги наплаќаат, со тоа што тие се највисоки за трансакции преку шалтер, а поевтини и до 90% се ако тие се завршат он лајн или преку мобилен. Од 30 до 150 денари се наплаќа за стандардната услуга одржување на сметка, за кредитен трансфер во денари во земјата услигите варираат од 20 до 120 денари, минималната провизија за приливи од странство се движи од најмалку 10 до дури 500 денари. За да повлечете кеш од банкомат трошокот може да достигне и до 300 денари. Според податоците, провизиите кои ги наплаќаат банките сочинуваат 18% од нивните вкупни приходи кои од година в година рушат рекорди.
