Ќе се јакнат јавните комунални претпријатија во седум општини. Заменик министерот за животна средина Ане Лашкоска денес потпиша договори во вредност од безмалку 8 милиона швајцарски франци со амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман. Ќе се модернизираат водоводните мрежи, ќе се намалуваат техничките и финансиските загуби, ќе се зголемува енергетската ефикасност и ќе се подобруваат перформансите на јавните комунални претпријатија.
“Ова е конкретен чекор кон унапредување на основните јавни услуги и еколошките стндарди.
Сето ова се клучни елементи за поодржлива инфраструктура и поквалитетни услуги за граѓаните. Искуството ни покажува дека подобрувањето на животните услови и заштитата на животната средина не се возможни без ефективна децентрализација и без зајакнување на локалните јавни претпријатија.”- изјави Ане Лешкоска заменик министер за животна средина и просторно планирање
Речиси седум милиони швајцарски франци, од целосната сума, се гранд од Швајцарија. А над еден милион франци ги има обезбедено министерството за животна средина и просторно планирање.
“Пожарите што ни се случуваат на отворено, шумските пожари, уништија огромни зелени површини и предизвикаа значајни загуби како за животната средина така и финансиски. Во исто време граѓаните од неколку градови почувствуваа што значи да се нема вода 24 часа дневно и тоа ни се случува не само поради големата потрошувачка туку и поради големите загуби.” изјави Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија.
Ова е втор капитален проект кој челниците од министерството за животна средина го потпишаа изминативе денови. Потсетуваме, пред само три дена министерот Изет Меџити потпиша договор со вредност од безмалку 11 милиони евра за набавка на комунални возила за 18 општини од југозападниот и пелагонискиот дел на земјава.
Кристијан Ниновски

