Нема веќе возење на државна сметка – по свадби, викендички и партиски митинзи. Власта воведува нов систем на регистарски таблици за службените возила, со кој секое злоупотребено возење ќе биде видливо за граѓаните. До 15 септември, сите државни институции, општини и јавни претпријатија се задолжуваат да ги заменат таблиците на возилата со нови – обележани со црвена боја. Обврската ќе важи за повеќе од 6.500 автомобили во администрацијата и јавниот сектор.
„На иницијатива на премиерот на државата Христијан Мицкоски и на моја иницијатива, оваа постапка ја почнавме неколку месеци, отприлика осум месеци, да ги одбележиме сите државни возила во државата… Она што вчера на владина седница го направивме едно задолжување до сите институции, во рок од еден месец, практично од 15 август до 15 септември да ги обележиме сите овие возила“, изјави Ивица Томовски, директорот на службата за општи и заеднички работи.
Ваква иницијатива постоела и во минатото, но никој досега не собрал храброст да ја реализира. Како што вели Томовски идејата, е да се спречи партиската и приватната злоупотреба на државните ресурси – особено пред избори. Со новиот правилник ќе бидат изземени само автомобили кои се користат во оперативни цели – како полицијата или безбедносните служби.
„Бидејќи се ближат избори, има кампања, често сме биле сведоци во минатото дека овие возила се злоупотребуваат за партиски цели… еве една можност да бидеме транспарентни према јавноста… Зошто толку краток период им дадовме, бидејќи се ближат избори, има кампања, често сме биле сведоци во минатото дека овие возила се злоупотребуваат за партиски цели, покрај приватни цели, но најголем дел и за партиски цели се идело на партиски настани и слично, еве една можност да бидеме транспарентни према јавноста да ги обележиме тие возила“, изјави Ивица Томовски, директорот на службата за општи и заеднички работи.
Службата за општи и заеднички работи ќе отвори посебна телефонска линија и е-маил адреса, преку која граѓаните и медиумите ќе можат да пријавуваат сомнителни користења на службени возила. Со ваквата нова мерка, Томовски уверува дека ќе има брза реакција од надлежните и проверка на секоја пријава.

