Пламените јазици и натаму беснеат низ Балканот. Турција, Грција, Бугарија, Црна Гора, Албанија. Гори насекаде, а најкритично е во Турција каде во битката со пожарите животот досега го загубија 15 луѓе. Критично е на повеќе локации, но најмногу во околината на градот Бурса каде се евакуираат граѓани. Гори на стотина локации, а најголем проблем предизвикуваат високите температури кои достигнуваат до 50 степени.
Критично е и во соседна Албанија каде гори на повеќе локации низ државата. На југот се евакурираат локални жители но и туристи. Се јавува за опожарени куќи, цркви но и хотели. Во последните 24 часа регистрирани биле 45 активни пожари, од кои 21 сеуште не се ставени под контрола. На терен интервенираат над 1300 оперативни сили од албанските служби, 65 пожарникарски возила, како и хеликоптери на албанските вооружени сили, а на помош и дошле и хеликоптери од Хрватска, Италија и Унгарија. Досега во Албанија изгореле над 450 хектари вегетација, маслинови насади и шумски површини.
Во Бугарија, пожарникарите се борат со шумски пожари на речиси 100 локации. Жителите во погодените области се евакуирани, а некои куќи изгореа, пренесуваат бугарските медиуми. Пожар во подножјето на планината Пирин во јужна Бугарија се прошири на илјадници хектари шума.

„Во моментов вршиме прераспределување на силите и средствата. Тие се насочени кон двата фронта – кон селата Бојан Ботево и Љубеново. Таму ситуацијата е најкритична. На другите места останаа дежурни екипи кои ја следат состојбата. Ветрот е силен, што го отежнува гаснењето. Работиме на сите можни насоки за да го ставиме огнот под контрола. Благодарни сме на сите кои учествуваат во борбата со огнот“, изјави Валентин Василев – директор на РДПБЗН на Благоевград.
И во Црна Гора е драматично. Претседателот Јаков Милатовиќ ги повика надлежните институции да побараат меѓународна помош за справување со големите шумски пожари што ја зафатија земјата. Тој нагласи дека силниот ветер значително ги отежнува акциите за гаснење, а воздушната поддршка што беше најавена од Владата сè уште не е обезбедена.
„Нашите пожарникари и припадниците на Армијата на Црна Гора вложуваат натчовечки напори за да ги изгаснат пожарите. Ги повикувам надлежните институции да побараат меѓународна помош – преку механизмите на ЕУ и преку билатерална соработка. Нашите луѓе на теренот ја заслужуваат таа поддршка“, изјави Јаков Милатовиќ претсеател на Црна Гора.
Во Косово како активни се водат 12 пожари а најкритично е на југот, каде огнот им предизвика штета на локалните фармери. Слична е ситуацијата и во Србија. Таму се активни над 100 пожари, особено во близина на Ниш, Врање, Крагуевац и други градови. Ангажирани се над 500 пожарникари со поддршка од хеликоптери. Проблеми имаат и грчките власти кои се соочени со пожари во близина на Атина но и неколку острови низ земјата.
Експертите предупредуваат дека поради моменталните временски услови, пожарите се шират брзо, и тешко се ставаат под контрола Грција официјално побара помош од своите сојузници од Европската Унија.

